Воспитување
Даниел, пратеник на Небото
Даниел и неговите другари во Вавилон, во својата младост, навидум биле поголеми миленици на среќата отколку Јосиф во првите години од неговиот живот во Египет; сепак, и тие биле ставени на речиси исто толку тешка проверка на карактерот. Од сразмерната едноставност на своите јудејски домови, овие момчиња од царски род биле доведени во највеличенствениот од сите градови, на дворот на неговиот најмоќен монарх, и биле издвоени да се подготват за посебна служба на царот. На тој расипан и раскошен двор биле окружени со тешки искушенија. Фактот дека тие, обожаватели на Господа, биле заробеници во Вавилон; дека садовите од Божјиот дом биле ставени во храмот на вавилонските богови; дека самиот цар на Израелот бил заробеник во рацете на Вавилонците, победниците горделиво го истакнувале како доказ дека нивната религија и обичаите се подобри од религијата и обичаите на Евреите. Во такви околности, дозволувајќи понижувања за кои Израелците самите биле виновни поради оддалечувањето од Неговите заповеди, Бог му дал на Вавилон доказ за својата врховна власт, за светоста на своите барања и за сигурните плодови на послушноста. Тоа сведоштво го дал на единствениот можен начин — преку оние кои останале цврсти во својата верност. EdM 50.3
На самиот праг на својот животен повик, Даниел и неговите другари се нашле пред решавачка проба. Налогот да им се носи храна од царската трпеза, ја одразувал наклонетоста на царот и неговата грижа за нивната благосостојба. Но, бидејќи делумно била принесена на жртва на идолите, храната од царската трпеза била наменета за идолопоколоничка служба; и, ако момчињата го прифателе овој израз на царската наклонетост, би се сметало дека се соединиле со него во оддавањето почести на лажните богови. Верноста кон Бога им забранувала да учествуваат во искажување таква почест. Освен тоа, тие не се осмелувале да го изложат својот физички, душевен и духовен развој на разорното влијание на раскошот и развратот. EdM 51.1
Даниел и неговите другари биле верно подучувани на принципите на Божјата Реч. Тие научиле да го жртвуваат земското за духовното и да се стремат кон највисокото добро. И наградата не изостанала. Нивната навика да се воздржуваат и нивното чувство на одговорност како Божји претставници ги поттикнале способностите на нивните тела, духот и душата да се развијат на најблагороден начин. По завршувањето на нивното образование, кога биле испрашувани со другите кандидати за високи положби во царството, „не се најде ниеден како Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј” (Даниел 1,19). EdM 51.2
На вавилонскиот двор биле собрани претставници од сите земји, луѓе со најодбрани таленти, најбогато обдарени со природни дарови и со највисока култура што овој свет можел да ја даде; сепак, меѓу сите нив никој не бил подобар од еврејските заробеници. Никој не можел да се натпреварува со нив во физичка сила и убавина, во живоста на умот и литературните достигања. „И во сё мудро и умно за што ги испитуваше царот, се најде дека се десетпати повешти од сите волшебници и гатачи што ги имаше во сето негово царство” (Даниел 1,20). EdM 52.1
Непоколеблив во својата преданост на Бога, непопустлив кон самиот себе, Даниел како момче со своето благородно достоинство и љубезно искажување почит се здобил со „наклонетост и љубов” на незнабожечкиот службеник под чиј надзор се наоѓал. Истите особини го одбележувале и неговиот живот. Бргу се издигнал до положба на прв министер во царството. Во текот на вледеењето на неколку последователни владетели, пропаѓање на државата и воспоставување на соперничко царство, покажувал толкава мудрост и државничка способност, толку совршена тактичност, човечност и таква вистинска добрина на срцето, поврзана со верност кон принципите, што дури и неговите непријатели морале да признаат дека „не можеа да најдат повод, ниту, пак, грешка, зашто беше верен” (Даниел 6,4). EdM 52.2
Додека со непоколеблива доверба се потпирал на Бога, Даниел го обзел дух на пророчка сила. Додека од луѓето ја примил почеста да ги носи одговорностите на дворот и да биде упатен во државните тајни, Бог му укажал чест да биде Негов претставник и го научил да ги толкува тајните на идните векови. Незнабожечките владетели, во допир со небесниот претставник, биле принудени да го признаат Даниеловиот Бог. „Навистина”, рекол Навуходоносор, „вашиот Бог е Бог над Боговите и Цар над царевите. Откривател на тајните„. А Дариј, во својот проглас до „сите племиња, народи и јазици што живеат по сета земја”, го возвисил „Даниеловиот Бог” како „жив Бог, Тој останува довека! Неговото царство нема да пропадне”, кој „избавува и спасува... прави знаци и чудеса на небесата и на земјата” (Даниел 2,47; 6,25-27). EdM 52.3