Воспитување
Праведни и чесни луѓе
Со својата мудрост и праведност, непорочност и подготвеност да прават добро во секојдневниот живот, со своето посветување на интересите на еден идолопоклонички народ, Јосиф и Даниел се покажале како верни на принципите на своето рано воспитување, верни на Оној чии претставници биле. Во Египет, како и во Вавилон, целата нација ги почитувала овие луѓе; и во нив незнабошците, како и сите народи со кои доаѓале во допир, виделе приказ на Божјата добрина и добродетел, приказ на Христовата љубов. EdM 53.1
Каква животна задача им била дадена на тие благородни Евреи! Колку малку сонувале за својата висока положба кога се простувале со домот на своето детство! Верни и непоколебливи, тие се му потчиниле на божественото водство, така што Бог преку нив можел да ја исполни својата намера. EdM 53.2
Истите големи вистини што биле откриени преку овие големи луѓе, Бог сака да ги открие преку младината и децата на нашите денови. Историјата на Јојсиф и Даниел е приказ на она што Бог ќе го стори за оние кои ќе му се покорат и ќе се стремат со цело срце да ја исполнат неговата намера. EdM 53.3
Најголемата потреба на светот е потребата од луѓе — луѓе кои не можат ниту да се купат ниту да се продадат, луѓе кои во длабочината на својата душа се праведни и чесни, луѓе кои не се плашат гревот да го наречат со неговото вистинско име, луѓе чија совест е верна на должноста како што магнетната игла му е верна на полот, луѓе кои ќе стојат на страната на праведноста па дури и небото да се урне. EdM 54.1
Но, таквиот карактер не е плод на случајот; тој не може да ў се припише на личната наклонетост или на даровите на Провидението. Благородниот карактер е плод на самодисциплина, покорување на пониската природа на повисоката — предавање на самиот себе во служба на Бога и ближните од љубов. EdM 54.2
Младите мораат да ја разберат вистината дека даровите што им се доверени не им припаѓаат ним. Силата, времето и разумот се само позајмени богатства. Тие му припаѓаат на Бога, и секое младо суштество треба да одлучи да ги употреби за највозвишени цели. Младите се лози од кои Бог очекува плод; повереници чии таленти мораат да се умножуваат; светлина која треба да ја осветли темнината на светот. EdM 54.3
На секое момче и девојка и на секое дете му е одредена работа која треба да ја изврши за Бог да се прослави и човештвото да се облагороди. EdM 54.4