Воспитување
ЖИВОТОТ НА ГОЛЕМИТЕ ЛУЃЕ
„Плодот на праведникот е дрво на животот”,
Изреки 11:30
Светата историја изнесува многубројни прикази на резултатите од вистинското воспитување. Таа изнесува многу примери на благородни луѓе чиј карактер бил формиран според божествените упатства, луѓе чиј живот им бил на благослов на нивните ближни и кои стоеле во светот како Божји претставници. Меѓу нив ги вбројуваме Јосиф, Даниел, Мојсеј, Елисеј и Павле — двајцата најголеми државници, најмудриот законодавец, еден од најверните реформатори и, изземајќи го Оној кој говорел како што човек никогаш не говорел, најславниот учител што овој свет го запознал. EdM 47.1
Уште во раните денови на својот живот, токму во мигот кога како момчиња влегувале во периодот на зрелост, Јосиф и Даниел биле оттргнати од нивните домови и како заробеници одведени во незнабожечка земја. Особено Јосиф бил изложен на искушенија проследени со големи пресврти во неговиот живот. Во татковиот дом тој бил нежно и негувано дете; во куќата на Петефриј роб, потоа довереник и следбеник; сестран човек, образуван преку учење, набљудување и контакти со другите луѓе, во занданите на фараонот бил државен затвореник, неправедно осуден и без надеж дека некогаш ќе се оправда или ќе биде ослободен; а потоа повикан да застане на чело на народот во миг на голема криза — што го оспособило да ја сочува својата чесност? EdM 47.2
Никој не може да стои на висок брег без опасност. Како што бурата, која го остава негибнат цветот во долината но од корен го корне дрвото на врвот на планината, така и жешките искушенија кои ги оставаат негибнати обичните луѓе навалуваат на оние кои заземаат високи места на полето на успехот и честа. Но, Јосиф подеднакво го издржал и искушението со неволји и искушението со благосостојба. Покажал иста верност во палатата на фараонот како и во затворската ќелија. EdM 48.1
Во детството Јосиф научил да го љуби Бога и да се бои од него. Често во татковиот шатор, под ѕвезденото сириско небо, ја слушал приказната за моќната визија кај Ветил, за скалите од небото до земјата, за ангелите кои се симнувале и качувале и за она што му било откриено на Јаков од престолот на височините. Ја слушал приказната за борбата кај Јавок кога, откажувајќи се од своите омилени гревови, Јаков излегол како победник и ја добил титулата „Божји кнез„. EdM 48.2
Додека Јосиф уште како момче ги чувал стадата на својот татко, неговиот чист и едноставен живот поволно влијаел врз развојот на неговите физички и духовни способности. Доаѓајќи во врска со Бога преку природата и проучувајќи ги големите вистини кои, како свет залог преминувале од татко на син, се здобил со сила на умот и непоколебливост во принципите. EdM 48.3
Во кризата на својот живот, кога се наоѓал на страшниот пат од домот на неговото детство во Ханан, кон ропството што го чекало во Египет, фрлајќи последен поглед врз ритчињата кои ги криеле шаторите на неговиот род, Јосиф се сетил на Бога на својот татко. Се сетил на поуките што ги примал во детството, и потресен до дното на душата одлучил да се покаже како верен — секогаш да се однесува како што му доликува на еден слуга на небесниот Цар. EdM 49.1
И покрај горчливиот живот на странец и роб, слушајќи ја и гледајќи ја изопаченоста, примамуван од убавините на незнабожечкото богослужение, богослужение проследено со сите привлечности на богатството, културата и кралскиот сјај, Јосиф останал непоколеблив. Ја научил лекцијата на верно исполнување на должностите. Покажувајќи верност на која било положба, од најниската до највисоката, ги развил сите способности за највисока служба. EdM 49.2
Во времето кога Јосиф бил повикан на дворот на Фараонот, Египет бил најголем народ. Немало поголем од него во цивилизацијата, уметноста и науката. Јосиф управувал со работите на тоа царство во време на најголеми потешкотии и опасности; тоа го правел на начин кој му ја донел довербата на владетелот и народот. Фараонот „го постави за домаќин на својот дом, за управител на сиот свој имот. Да ги врзува кнезовите по своја волја, и да ги учи неговите старешини на мудрост” (Псалм 105,21.22). EdM 49.3
Вдахновението ни ја открива тајната на Јосифовиот живот. Со зборови полни со божествена сила и убавина, Јаков вака проговорил за својот најмил син, кога им искажувал благослови на своите деца: EdM 49.4
„Јосиф е плодоносна гранка,
плодна гранка покрај извор,
гранчињата ў се простираат над ѕидот.
Стрелци го огорчија,
стрелаа на него, и го гонеа.
Но неговиот лак останува цврст,
Мишките му зајакнаа,
преку рацете на Силниот Бог Јаковов,
Од Бога, твој Татко, кој ќе ти помага,
преку Сесилниот, кој ќе те благословува
со небесни благослови одозгора,
со благослови на бездната одоздола,
Со благословите на татка ти,
што ги надвишуваат благословите на старите гори
и убавините на вечните брегови —
-тие нека се спуштат врз Јосифа,
на посветениот меѓу браќата!„
EdM 50.1
1. Мојсеева 49,22-26.
Верност кон Бога, вера во Невидливиот, биле Јосифовото сидро. Тоа била тајната на неговата сила.
„Мишките му зајакнаа
преку рацете на силниот Бог Јаковов”.
EdM 50.2
1. Мојсеева 49,24