Воспитување

62/65

ДИСЦИПЛИНА

„Изобличувај, прекорувај, охрабрувај со сета трпеливост.”
2. Тимотеја 4,2

Поуката за послушноста е една од првите поуки кои детето треба да ги научи. Тоа може да научи да слуша уште пред да биде доволно зрело да расудува. Оваа навика треба да се развива со љубезни и истрајни напори. Така во голема мера можат да се избегнат подоцнежните судири меѓу волјата и авторитетот, кои толку придонесуваат за создавање на отуѓеност и горчина кон родителите и учителите, а многу често и отпор кон секој авторитет, како човечки така и божествен. EdM 302.1

Целта на дисциплината е детето да се извежба да владее со себеси. Тоа мора да научи да се потпира и да управува со себеси. Затоа, штом ќе стане способно да расудува, треба да се придобие неговиот разум да се согласи на послушност. Сите постапки кон него треба да покажат дека оправдано е и разумно што се бара од него да биде послушно. Помогнете му да согледа дека сё е подложно на законот и дека непослушноста на крајот доведува до пропаст и страдање. Кога Бог вели: „Немој”, Тој од љубов нё предупредува на последиците од непослушноста, за да нё спаси од зло и губитоци. EdM 302.2

Помогнете му на детето да согледа дека родителите и учителите се Божји претставници и дека, кога делуваат во согласност со Него, нивните прописи во домот и училиштето се и Негови прописи. Како што детето е должно да им биде послушно на родителите и наставниците, така и тие, од своја страна, се должни да му бидат послушни на Бога. EdM 303.1

Родителите и учителите мораат да се трудат да го насочуваат развојот на детето, не попречувајќи го со прекумерна контрола. Премногу надзор е исто толку штетно како и премалку. Настојувањето да се „скрши волјата на детето” е тешка грешка. Умовите се различни; иако принудувањето може да обезбеди привидна послушност, тоа кај многу деца предизвикува уште порешителен бунт во срцето. Дури и кога родителот или учителот ќе успее да ја постигне саканата контрола, последиците за детето нема да бидат ништо помалку штетни. Дисциплинирањето на едно човечко суштество кое навлегло во разумни години мора да се разликува од обучување на немо животно. Животното го учиме само на покорност кон господарот. За животното господарот е и ум и расудување и волја. Оваа метода, понекогаш применувана во воспитувањето на децата, ги прави само малку подобри од автомати. Нивниот ум, волјата и совеста стојат под контрола на другите. Не е Божја намера така да се владее со нечиј ум. Оние кои ја ослабнуваат или уништуваат индивидуалноста, преземаат одговорност која може да има само лоши последици. Додека се под контрола, децата можат да изгледаат како добро обучени војници; но кога контролата ќе исчезне, се гледа дека на карактерот му недостасуваат сила и цврстина. Бидејќи никогаш не научиле да управуваат со себе, тие не познаваат никакви ограничувања освен барањата на родителите и учителите. Кога тие ќе исчезнат, младите нема да знаат како да се служат со својата слобода, и често се предаваат на уживања што ги водат во пропаст. EdM 303.2

Бидејќи покорувањето на волјата за некои ученици е многу потешко отколку за други, учителот мора да настојува, колку е можно повеќе, да ја олесни послушноста кон своите барања. Волјата треба да се насочува и обликува, а не да се занемарува или крши. Чувајте ја силата на волјата; таа е неопходна во животната борба. EdM 304.1

Секое дете мора да ја согледа вистинската сила на волјата. Треба да му се помогне да разбере колкава е одговорноста поврзана со оваа дарба. Волјата е управувачка сила во природата на човекот, таа е способност за одлучување и избор. Секое човечко суштество, обдарено со разум, има способност да го избере доброто. Во секое животно искуство, Божјата Реч ни зборува: „Денес изберете кому ќе му служите!” (Исус Навин 24,15) Секој може да ја стави својата волја на страната на Божјата волја, може да избере да му биде послушен, и поврзувајќи се на тој начин со божествените сили, може да стане толку цврст што ништо нема да може да го принуди да прави зло. Во секое младо суштество, во секое дете, лежи сила со Божја помош да изгради чесен карактер и да живее полезен живот. EdM 304.2

Родителот или учителот кој со такво поучување му помага на детето да владее со себеси, извршува најполезна работа и постигнува траен успех. На површниот набљудувач неговата работа можеби нема да му делува особено полезна; таа нема да биде ценета толку високо како работата на оној кој умот и волјата на детето ги потчинува на својата апсолутна власт; но подоцнежните години сепак ќе ги покажат резултатите од подобриот метод на воспитување. EdM 304.3

Мудриот воспитувач ќе се труди да ја придобие довербата на учениците со своето постапување кон нив и кај нив да развие чувство на чест. Врз децата и младите поволно делува кога им се укажува доверба. Мнозина меѓу нив, дури и малите деца, имаат многу развиено чувство на чест; сите сакаат со нив да се постапува со доверба и почитување, и тоа е нивно право. Не треба да се наведуваат на помислата дека не можат ниту да излегуваат ниту да влегуваат без постојана придружба. Недовербата деморализира и ги предизвикува истите оние зла кои сака да ги спречи. Наместо постојано да надгледуваат, како да очекуваат некакво зло, учителите кои се дружат со своите ученици ќе го согледаат делувањето на немирниот дух и ќе се потрудат да ги стават во движење оние влијанија кои ќе му се спротивстават на злото. Наведете ги младите да почувствуваат дека им верувате и само ретки меѓу нив нема да се потрудат да покажат дека ја заслужуваат довербата. EdM 305.1

По истото правило, подобро е да се замоли отколку да се наредува; оној на кого сме му се обратиле на таков начин има можност да ја покаже својата верност кон вистинските принципи. Неговата послушност попрво е последица на избор отколку на принудување. EdM 305.2

Правилата што владеат во училницата треба, колку е тоа можно, да бидат израз на мислење на целото училиште. Секоја одредба во нив треба да им биде објаснета на учениците така што тие ќе се уверат во нејзината праведност. На тој начин, тие ќе чувствуваат одговорност да настојуваат правилата, кои се донесени со нивна соработка, да бидат почитувани. EdM 305.3

Правила треба да има малку, и тие мораат да бидат добро обмислени; кога еднаш ќе се усвојат, истите мораат и да се применуваат. Кога ќе сфати дека нешто не може да се менува, умот се навикнува и прилагодува; но можноста за промена буди желба, надеж и несигурност, а последиците се вознемиреност, раздразливост и непослушност. EdM 306.1

Мора да се објасни дека Божјото владеење не познава компромис со злото. Ни во домот ни во училиштето не послушноста не смее да се толерира. Ниту еден родител или учител, кому му лежи на срце доброто на оние што му се доверени, нема да се нагодува со тврдоглавото самоволие кое го отфрла авторитетот, или прибегнува кон оправдувања, или заобиколувања за да ја избегне послушноста. Само лажната чувствителност, а не љубовта се поигрува со злото, се обидува преку ласкање или подмитување да обезбеди согласност, и конечно прифаќа некоја замена наместо она што го барала. EdM 306.2

„На лудите гревот им е шега” (Мудри изреки 14,9). Мораме да се чуваме од несериозното однесување кон гревот. Неговата власт над грешникот е страшна. „Нечесниот ќе биде фатен од сопственото беззаконие и ќе го држат јажињата на неговите гревови” (Мудри изреки 5,22). Најголемото зло што можеме да му го нанесеме на детето или младиот човек е да му дозволиме да се заплетка во синџирите на лоша навика. EdM 306.3

На младите им е вродена љубов кон слободата; тие копнеат по независност; но мораат да сфатат дека тие непроценливи благослови можат да се уживаат единствено преку послушноста кон Божјиот закон. Овој Закон е чувар на вистинската слобода и независност. Тој го набројува и забранува она што понижува и заробува, и така на послушниот му овозможува заштита од силата на злото. EdM 306.4

Псалмистот вели: „Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите повелби.” „Твоите сведоштва се моја наслада и мои советници” (Псалм 119,45.24). EdM 307.1

Во својот напор да го поправиме злото, мораме да се чуваме од тенденцијата да наоѓаме грешки и осудуваме. Постојаното осудување внесува немир, а не поправа. Атмосферата на немилосрдна критика кај мнозина, особено кај оние кои се најчувствителни, ја убива волјата за работа. Цветовите не цутат под здивот на остриот ветер. EdM 307.2

Детето кое често се укорува поради некоја посебна мана, почнува таа мана да ја смета за своја карактеристика, особеност против која секоја борба е залудна. На тој начин се создаваат обесхрабрување и безнадежност, често скриени под наметката на рамнодушност или покажување храброст. EdM 307.3

Вистинската цел на укорот се постигнува дури кога самиот престапник е наведен да ја согледа својата грешка и кога неговата волја е поттикната да ја исправи. Кога ќе го постигнете ова, укажете му на изворот на простувањето и силата. Трудете се да ја сочувате неговата самопочит и да го вдахнете со храброст и надеж. EdM 307.4

Ова е најубавата, но и најтешка работа, која некогаш им била доверена на човечките суштества. Таа бара најнежна тактичност, најголема чувствителност, познавање на човековата природа и небесна вера и трпение, подготвеност за работа, за будност и за чекање. Според тоа, нема ниту една поважна работа од оваа. EdM 307.5

Оние кои сакаат да управуваат со другите, мораат прво да научат да управуваат со себеси. Избувливото однесување со детето или младото суштество само ќе го наведе на негодување. Кога родителот или учителот ќе стане нетрпелив или е во опасност да зборува неразумно, тогаш нека замолкне. Во молчењето се крие чудесна сила. EdM 307.6

Учителот мора да биде подготвен да се соочи со изопачените склоности и закоравените срца. Но, во постапувањето со нив никогаш не смее да заборави дека и самиот некогаш бил дете, на кое му била потребна дисциплина. Дури и сега, иако ги ужива сите предности на своите години, образованието и искуството, и тој често греши и потребно му е човечко сочувство и трпение. Воспитувајќи ги младите, тој мора да има на ум дека се занимава со оние чии тенденции кон злото се слични на неговите. Тие мораат да научат речиси сё, а на некои учењето им паѓа многу потешко отколку на другите. Со слабиот ученик мора да се постапува трпеливо, да не се осудува поради незнаењето, туку да се искористи секоја можност за негово охрабрување. Со чувствителните, нервозни ученици, мора да се постапува многу нежно. Свеста за сопствената несовршеност мора да го наведе учителот да биде секогаш сочувствителен и трпелив кон оние кои и самите се борат со тешкотии. EdM 308.1

Правилото на Спасителот — „Како што сакате да ви прават луѓето вам, така правете им и вие ним” (Лука 6,31) — мора да биде правило на сите кои се занимаваат со воспитување на деца и млади. Тие се помлади членови на Господовото семејство, сонаследници со нас во благословот на животот. Христовото правило мора свето да се почитува во однесувањето со најмрзеливите, со најмладите, со најнеумешните, па дури и со оние што грешат и се непокорни. EdM 308.2

Ова правило ќе го наведе учителот да го одбегнува, колку што е можно, јавното изнесување на грешките и маните на ученикот. Тој ќе се труди да го избегне укорувањето или казнувањето во присуство на други. Нема да исклучи ученик сёдодека не направи сё што е можно за тој да се поправи. Но, кога ќе стане јасно дека понатамошниот престој во училиштето нема никаква полза за ученикот, а тој со својот инает или непочитување на авторитетот ја загрозува управата на училиштето и со своето влијание ги расипува другите, неговото исклучување станува неопходно. Меѓутоа, мнозина срамот од јавното исклучување би ги навел на крајно непромислени постапки и би ги одвел во пропаст. Во повеќето случаеви, кога отстранувањето е неизбежно, не е потребно тоа да се прави јавно. Советувајќи се со родителите и со нивна соработка, учителот треба во тајност да го организира неговото заминување. EdM 308.3

Во ова време кога младите се особено загрозени, кога искушенијата ги напаѓаат од сите страни и кога е толку лесно да ў се препуштиш на струјата, потребен е најсилен напор да се плива против неа. Секое училиште треба да биде „град на прибежиште” за младите изложени на искушение, место каде кон нивните лудости ќе се постапува трпеливо и мудро. Учителите кои ја разбираат својата одговорност ќе отстранат од нивите срца и животи сё што би можело да ги спречи да имаат успех во постапувањето со самоволните и непослушните. Љубовта и нежноста, трпението и владеењето со себеси, во секое време ќе бидат закон на нивниот говор. Милосрдноста и сочувството ќе бидат соединети со праведноста. Тие нема да го пренагласуваат укорот, кога ќе биде неопходен, туку ќе го искажат со едноставни зборови. Љубезно ќе му ги изнесат на престапникот неговите грешки и ќе му помогнат да се поправи. Секој вистински учител ќе чувствува дека, ако веќе мора да згреши, тогаш е подобро да биде премногу благ отколку премногу строг. EdM 309.1

Многу млади за кои се мисли дека се непоправливи, не се во срцето толку тврди како што изгледаат. Мнозина кои се сметаат за безнадежни, би можеле да се поправат со мудра дисциплина. Тоа се често токму оние чии срца најбргу се топат под влијание на љубезноста. Учителот треба да ја придобие довербата на оние кои се изложени на искушение и, во многу случаи, ако го забележува и развива доброто во нивниот карактер, ќе успее да го поправи злото воопшто не свртувајќи внимание кон него. EdM 309.2

Божествениот Учител има трепение кон заблудените и кон сите нивни изопачености. Неговата љубов не остинува. Неговите напори да ги придобие не престануваат. Тој со раширени раце, секогаш одново со добредојде, чека да ги пречека заблудените, бунтовните, па дури и отпаднатите. Неговото срце е трогнато од беспомошноста на малото дете изложено на грубости. Крикот на страдното човечко суштество никогаш не допира залудно до Неговото уво. Иако во Неговите очи сите се скапоцени, сепак грубите, мрзливите и тврдоглавите најмногу ги привлекуваат Неговите симпатии и љубовта, зашто Тој ја проценува последицата според причината. Оној кој најлесно им подлегнува на искушенијата, кој е најмногу наклонет да греши, е посебен предмет на Неговото внимание. EdM 310.1

Секој родител и секој учител треба да ги негува особините што ги има Оној кој се изедначува со ожалостените, страдните и искушуваните. Тој мора да биде оној што може да биде „благ кон оние кои не знаат и се заблудени, зашто и самиот е со слабости” (Евреите 5,2). Исус со нас постапува многу подобро отколку што сме заслужиле; и ние мораме да постапуваме со другите како што Тој постапува со нас. Родителите и учителите не можат да се оправдаат ако не се однесуваат онака како што би се однесувал Спасителот во слични околности. EdM 310.2