Воспитување

61/65

ЗАЕДНИЧКА РАБОТА

„Зашто сме членови едни на други.”
Ефесјаните 4,25

При обликувањето на карактерот ниту едно влијание не е посилно од влијанието на домот. Работата на учителот треба да ја надополни работата на родителите, но не смее да го заземе нејзиното место. Родителите и учителите мораат да се трудат да соработуваат во сё што се однесува на доброто на детето. EdM 297.1

Оваа соработка први мораат да ја започнат таткото и мајката, во домашниот живот. Тие се заеднички одговорни за воспитувањето на своите деца и затоа постојано мораат да се трудат да работат заеднички. Нека му се предадат на Бога, молејќи го да им помогне да се поддржуваат еден со друг. Нека ги учат своите деца да воспостават правилен однос кон Бога, кон принципите, па така и кон самите себе и кон сите со кои доаѓаат во допир. Кога вака воспитаните деца ќе тргнат на училиште, тие нема да прават истапи ниту да предизвикуваат загриженост. Тие ќе бидат поддршка за своите учители, а пример и охрабрување за своите другари. EdM 297.2

Родителите кои вака ги воспитуваат своите деца тешко ќе се најдат меѓу оние кои го критикуваат учителот. Тие чувствуваат дека интересот на нивните деца и правичноста кон училиштето налагаат, колку што е можно, да го поддржуваат и вреднуваат оној кој учествува во носењето на нивната одговорност. EdM 298.1

Многу родители тука грешат. Тие со својата непромислена и погрешна критика често речиси потполно го уништуваат влијанието на верниот и пожртвуван учител. Многу родители кои со својата попустливост ги расипале сопствените деца, му ја препуштаат на учителот непријатната задача да го поправи нивниот пропуст; а тогаш со своето однесување речиси му оневозможуваат да успее во тоа. Нивното критикување и осудување на управата на училиштето ги наведува децата на непослушност и ги зацврстува лошите навики кај нив. EdM 298.2

Ако е неопходно да се критикува работата на учителот или да се даде некаков предлог, тогаш тоа треба да се направи во личен разговор со него. Ако тоа не помогне, тогаш треба да им се обратиме на оние кои се одговорни за управувањето со училиштето. Не треба да се каже или да се направи ништо што би го намалило почитувањето на децата кон оној од кој во толкава мера зависи нивното добро! EdM 298.3

Родителите многу ќе му помогнат на учителот ако му го откријат она што само тие го знаат за карактерот на детето и за неговите физички карактеристики или недостатоци. Жално е што толку многу родители не ја согледуваат потребата од тоа. Мнозинството родители многу малку се трудат да се уверат во способноста на учителот или да соработуваат со него во неговата работа. EdM 298.4

Бидејќи родителите толку ретко се запознаваат со учителот, уште е поважно учителот да настојува да се запознае со родителите. Тој треба да ги посетува домовите на своите ученици и да дознае под какво влијание и околности живеат. Доаѓајќи лично во допир со нивниот дом и животот, тој може да ги зајакне врските што го поврзуваат со неговите ученици и да научи поуспешно да се справува со нивните различни тенденции и темпераменти. EdM 298.5

Интересирајќи се за воспитувањето во домот, учителот може да биде полезен на два начина. Многу родители, зафатени со работа и грижи, ги губат од вид можностите што им се укажуваат за поволно влијание врз животот на нивните деца. Учителот може да направи многу за да им укаже на родителите на нивните можности и предимства. Тој ќе се сретне и со такви на кои свеста за одговорноста им станала тешко бреме, бидејќи се загрижени дали нивните деца ќе станат добри и полезни мажи и жени. Често учителот може да им помогне на таквите родители во носењето на нивниот товар, а со меѓусебно советување, и учителот и родителот можат да бидат охрабрени и зајакнати. EdM 299.1

Во домашното воспитување на младите принципот на соработка има непроценлива вредност. Од најрана младост децата треба да се воспитуваат да се сметаат себеси за учесници во работите во домот. Дури и оние најмалите мораат да научат да учествуваат во извршувањето на секојдневните работи и да почувствуваат дека нивната помош е неопходна и вреднувана. Постарите би требале да бидат помошници на родителите, да ги познаваат нивните намери и да учествуваат во нивните одговорности и товари. Татковците и мајките треба да издвојат време да ги учат своите деца, да им покажат дека ја ценат нивната помош, дека ја сакаат нивната доверба и дека чувствуваат задоволство во нивното друштво, и децата нема да се двоумат да им возвратат. На тој начин не само што родителското бреме ќе биде олеснето и децата ќе примат практично воспитување од непроценлива вредност, туку ќе се зајакнат и семејните врски, а ќе се продлабочат и самите темели на карактерот. EdM 299.2

Во училницата треба да владее дух на соработка, тој треба да биде закон на нејзиниот живот. Учителот кој ќе ја придобие соработката на своите ученици, обезбедува непроценлива помош во одржување на редот. Извршувајќи некоја служба во одделението, многу момчиња, кои би предизвикале немири и непослушност со својот темперамент, ќе најдат „издувен вентил” за вишокот енергија. Постарите треба да им помагаат на помладите, посилните на послабите; и, колку е тоа можно, секому треба да му се даде можност да го работи она за што е надарен. Така кај децата ќе се развие свест за сопствената вредност и желба да бидат корисни. EdM 300.1

Ќе биде од полза за младите, како и за родителите и учителите, да ги проучуваат поуките за соработка кои се забележани во Писмото. Меѓу многуте описи треба да се запази градењето на Светилиштето — симбол на градењето на карактерот — кога целиот народ се обединил, „секој кого срцето го влечеше и душата го поттикнуваше” (2. Мојсеева 35,21). Читајте како повратниците од ропство и покрај сиромаштијата, тешкотиите и опасностите, повторно ги подигнале ѕидините на Ерусалим, извршувајќи ја успешно оваа задача затоа што: „на народот му беше при срце да работи” (Немија 4,6). Размислувајте за учеството на учениците во чудото на Спасителот кога го нахранил мноштвото. Храната се умножила во Христовите раце, но учениците го примиле лебот за да го дадат на народот кој чекал. EdM 300.2

„Ние сме членови едни на други.” „Бидејќи секој од вас добил дар, служете си со него еден на друг, како добри домоуправители на многукратната Божја благодат” (Ефесјаните 4,25; 1. Петрово 4,10). EdM 300.3

Зборовите кои се запишани за градителите на идоли во дамнешни времиња би можеле, со достојна цел, да ги земат како лозинка денешните градители на карактери: EdM 301.1

„Секој му помогна на ближниот свој; и секој и му рече на братот свој: Држи се!” (Исаија 41,6). EdM 301.2