Воспитување
ОДНОСОТ НА ВОСПИТУВАЊЕТО КОН ОТКУПУВАЊЕТО
„Познавањето на Божјата слава во лицето на Исуса Христа.”
2. Коринќаните 4,6
Гревот го одвоил човекот од Бога. Без планот на спасението судбината на човекот би била вечното одвојување од Бога и темнината на бескрајната ноќ. Спасителот со својата жртва повторно ја овозможил врската со Бога. Ние не можеме лично да дојдеме во близината Божја; поради својот грев не можеме да го гледаме Неговото лице; но, можеме да го набљудуваме и да разговараме со Него во Исуса, Спасителот. „Познавањето на Божјата слава” е откриено „во лицето на Исуса Христа” (2. Коринќаните 4,6). Бог „го измири светот со себе во Христа” (2. Коринќаните 5,19). EdM 22.1
„И Словото стана тело и се всели меѓу нас, ... полно со благодат и вистина” (Јован 1,14). „Во Него беше живот и EdM 22.2
животот им беше светлина на луѓето” (Јован 1,4). Христовиот живот и неговата смрт, цената на нашето откупување, за нас не се само ветување и залог за живот, ниту само средство кое би ни ги отворило сокровиштата на мудроста: тие се пошироко и повозвишено откровение на Неговиот карактер отколку што го имале дури и безгрешните жители на Едем. EdM 23.1
И додека Христос му го отвора Небото на човекот, животот што Тој ни го дава го отвора срцето на човекот за Небото. Гревот не само што нё одвојува од Бога, туку во душата на човекот ги уништува и желбата и моќта да Го запознае. Христова цел е да го оневозможи сето тоа влијание на злото. Тој има моќ да ги оживее и обнови способностите на душата парализирана од гревот, да ги оживее и обнови потемнетиот ум и изопачената волја. Тој ни ги отвора богатствата на вселената и, благодарение на Него, добиваме способност да ги препознаеме и ползуваме. EdM 23.2
Христос е „Светлина која го осветлува секој човек што доаѓа во светот” (Јован 1,9). Како што преку Христа секое човечко суштество има живот, така преку Него секоја душа прима и некаков зрак од божествената светлина. Во секое срце постои не само интелектуална туку и духовна сила, осет за она што е праведно, желба за добро. Но, постои и противничка сила која се бори против тие принципи. Последицата од јадењето од дрвото за познавање на доброто и злото се гледа во искуството на секој човек. Во човечката природа постои тенденција кон злото, сила на која човекот не може сам да ў се спротивстави. За да ў се спротивстави на таа сила, за да ја досегне онаа висока цел која, во длабочината на својата душа, ја смета за единствено исправна, само една сила може да му помогне. Таа сила е Христос. Соработката со таа сила е најголемата потреба на човекот. Зар во целиот воспитен напор оваа соработка не би требала да биде највисока цел? EdM 23.3
Вистинскиот учител не може да биде задоволен со второкласна работа. Тој не е задоволен со тоа што ќе ги упати своите ученици кон идеал понизок од највисокиот што можат да го достигнат. Не може да биде задоволен ако им овозможи само некакво техничко знаење, ако од нив направи добри книговодители, умешни занаетчии и успешни трговци. Негов стремеж е во нив да ги всади принципите на вистината, послушноста, честа, чесноста и непорочноста — принципи кои од нив ќе направат позитивна сила во градењето на стабилноста и напредокот на општеството. Тој, пред сё, сака тие да ја научат големата животна лекција за несебична служба. EdM 24.1
Кога душата ќе се запознае со Христа, прифаќајќи ја Неговата мудрост како водач, Неговата сила како сила на срцето и животот, овие принципи стануваат жива сила за обликување на карактерот. Кога ќе се воспостави оваа заедница, ученикот го нашол изворот на мудроста. Нему му стои на располагање сила да ги оствари во себе своите најблагородни идеали. Тој има предимство да го постигне највисокото воспитување потребно за животот во овој свет. Обучувајќи се тука, стапува на патеката која води во вечност. EdM 24.2
Во највисока смисла, делото на воспитувањето и делото на откупувањето се едно исто дело, бидејќи во воспитувањето, како и во откупувањето, „никој не може да постави друга основа, освен онаа што е поставена, која е Исус Христос„. „Зашто во него благоволи Отецот да се всели сета полнота” (1. Коринќаните 3,11; Колошаните 1,19). EdM 24.3
Во изменети околности, вистинското воспитување и денес се управува според планот на Создателот, според планот на Едемското училиште. Адам и Ева примале поуки преку директна заедница со Бога; ние ја гледаме „светлината на познавањето на Божјата слава” во Христовото лице. EdM 24.4
Големите принципи на воспитувањето остануваат непроменети. „Утврдени се за сите времиња, довека” (Псалм 111,8); зашто тоа се принципи на Божјиот карактер. Прво настојување на учителот и негова постојана цел треба да биде да му помогне на ученикот да ги разбере овие принципи и да стапи во таква врска со Христа што тие принципи ќе станат сила која управува со неговиот живот. Учителот, кој ќе ја прифати оваа цел, навистина е Христов соработник, работник заедно со Бога. EdM 25.1