Воспитување
Поуки со љубов
Исус ги укорувал своите ученици. Тој ги потсетувал и предупредувал: но Јован и Петар и нивните браќа не го напуштиле. И покрај укорите, тие одлучиле да останат со Исус. А ни Спасителот не ги напуштил нив поради нивните грешки. Тој ги прифаќа луѓето онакви какви што се, со сите нивни мани и слабости, и ги подготвува за својата служба, доколку тие сакаат да бидат дисциплинирани и подучувани. EdM 89.4
Но, меѓу дванаесеттемината бил и еден кому сё до крајот на својата работа Христос не му упатил ниту еден збор на директен укор. EdM 89.5
Меѓу учениците Јуда внел дух на соперништво. Тој му се придружил на Исуса, привлечен од Неговиот карактер и живот. Искрено копнеел за промена во себе и се надевал дека ќе ја искуси соединувајќи се со Христа. Но, оваа желба не надвладеала во него. Него го придвижувала надежта во себичните добивки и во световното царство кое очекувал Христос да го воспостави. Иако ја признавал божествената сила на Христовата љубов, Јуда не ў се покорувал на нејзината власт. Продолжил да ги вреднува своето сопствено расудување и ставови, и да негува тенденција кон критикување и осудување. Христовите побуди и постапките кои толку често ја надминувале неговата моќ на разбирање, кај него буделе сомнеж и несогласување, и тој своите лични сомневања и славољубие незабележливо ги пренесувал и на учениците. Голем дел од нивните расправии околу првенството и нивното незадоволство со Христовите методи потекнувале од Јуда. EdM 90.1
Исус одбегнувал директен судир, гледајќи дека спротивставувањето би довело само до уште поголема закоравеност. Христос настојувал да ја излекува тесноградата себичност на животот на Јуда доведувајќи го во допир со својата пожртвувана љубов. Во своето учење изнесувал принципи кои во корен ги погодувале самољубивите амбиции на ученикот. Така биле давани поука по поука и многу пати Јуда сфаќал дека со тоа бил прикажан неговиот карактер и обележан неговиот грев; но не сакал да се покори. EdM 90.2
Кога го отфрлил повикот на милоста, тогаш силата на злото конечно надвладеала. Гневен поради укорите и очаен поради пропаста на своите честољубиви сништа, Јуда ја продал својата душа на демонот на алчноста и одлучил да го предаде својот Учител. Од пасхалната соба, од радоста на Христовото присуство и светлината на бесмртната надеж, тој отишол да го изврши своето зло дело — во најкрајната темнина, каде што нема надеж. EdM 90.3
„Исус знаеше од почетокот, кои не веруваат и кој ќе го предаде” (Јован 6,64). Сепак, иако знаел сё, Тој не задржал ниту еден повик на милост или дар на љубов. EdM 91.1
Гледајќи во каква опасност се наоѓа Јуда, Тој го зел во својата близина и го вовел во тесниот круг на своите одбрани и доверливи ученици. Од ден на ден, додека неговото срце го притискало најтежок товар, Исус ја поднесувал болката на постојаниот допир со тој тврдоглав, полн со сомнежи и мрачен дух; Тој бил сведок на постојаното, тајно и подмолно соперништво меѓу своите ученици и се трудел да го искорени. И сето тоа само на таа загрозена душа да не ў биде ускратено ниту едно спасоносно влијание! EdM 91.2
„Големи води не можат да ја угаснат љубовта,
ниту реките да ја потопат.”
„Зашто љубовта е силна како смртта”
EdM 91.3
Песна над песните 8,7.6
Што се однесува до Јуда лично, Христовото дело на љубов немало успех. Меѓутоа, во однос на неговите другари, учениците, тоа не било така. Ним тоа им овозможило поука, чие влијание го чувствувале во текот на целиот живот. Тоа им било пример за нежност и долго трпение, кој секогаш ќе влијае на нивното однесување кон оние кои се во искушение и кои скршнале од вистинскиот пат. Но, тоа овозможило и други поуки. При изборот на дванаесеттемината, учениците многу сакале Јуда да влезе во нивниот круг, и неговото пристапување го сметале за многу значаен настан за апостолскиот собир. Јуда повеќе од нив доаѓал во допир со светот, бил со добро однесување, остроумен и способен да управува со работите и, бидејќи високо ги вреднувал своите способности, ги навел учениците и тие да го вреднуваат на ист начин. Но, методите што тој сакал да ги воведе во Христовото дело биле втемелени на световни принципи и под влијание на световната политика. Тие биле насочени кон придобивање световни признанија и почести — кон задобивање на царството на овој свет. Влијанието на овие желби врз животот на Јуда им помогнало на учениците да ја разберат спротивноста помеѓу принципите на самовозвишувањето и Христовиот принцип на понизност и самопожртвуваност — принцип на духовното царство. Во судбината на Јуда тие виделе кон што води служењето на себеси. EdM 91.4
За овие ученици Христовата мисија конечно ја постигнала својата цел. Малку по малку, неговиот пример и неговите поуки за самооткажувањето го обликувале нивниот карактер. Неговата смрт ја уништила нивната надеж во световна големина. Падот на Петар, отпадот на Јуда, нивниот личен пораз кога во мигот на опасност се откажале од Христа, ја отстраниле нивната горделива самоувереност. Ја согледале својата сопствена слабост; делумно ја согледале и големината на делото што им е доверено; почувствувале потреба Учителот да ги води на секој чекор. EdM 92.1
Знаеле дека Тој лично веќе нема да биде со нив и ја разбрале, како никогаш порано, вредноста на можноста да одат и разговараат со Испратениот од Бога. Многу од неговите поуки, кога ги изговарал, тие ниту ги вреднувале ниту ги разбирале; сега сакале повторно да ги повикаат во сеќавање, повторно да ги слушнат неговите зборови. Колкава радост им влевало сега неговото ветување: EdM 92.2
„Подобро е за вас Јас да си отидам, зашто, ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако, пак, заминам, ќе ви го испратам.” „Зашто ви соопштив сё што чув од Мојот Татко.” „А Утешителот, Светиот Дух, кого мојот Отец ќе го испрати во мое име, ќе ве научи сё и ќе ве потсети на сё што ви реков” (Јован 16,7; 15,15; 14,26). EdM 92.3
„Сё што има Отецот - мое е.” „А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина... зашто ќе земе од моето и ќе ви јави” (Јован 16,15.13.14). EdM 93.1
Учениците виделе како Христос од Маслинската гора, од нивна средина заминува на Небото. И кога Небото го примило, до нив допрел одекот од неговото проштално ветување: „И еве, Јас сум со вас, во сите дни до свршетокот на светот” (Матеј 28,20). EdM 93.2
Тие знаеле дека Тој и понатаму сочувствува со нив. Знаеле дека имаат претставник, застапник, пред Божјиот престол. Своите молби ги упатувале во Исусово име, повторувајќи го неговото ветување: „Што и да молите од мојот Отец, во мое име, ќе ви даде” (Јован 16,23). EdM 93.3
Сё повисоко и повисоко ја подавале раката на верата, имајќи силна причина: „Христос е Оној кој умрел, но уште и воскресна - кој е од десната страна на Бога, и кој се застапува за нас” (Римјаните 8,34). EdM 93.4
Верен на своето ветување, член на Божеството, прославен во небесните дворови, Тој на своите следбеници на Земјата им дал од својата полнота. Христовото устоличување од десната страна на Бога било објавено со излевање на Духот врз неговите ученици. EdM 93.5
Благодарение на Христовиот труд, овие ученици биле наведени да ја почувствуваат својата потреба од Духот; благодарение на поуката на Духот, тие целосно се подготвиле и тргнале да го извршат своето животно дело. EdM 93.6
Тие веќе не биле необразовани и недоделкани. Веќе не биле собир на неусогласени и противречни елементи. Нивната надеж повеќе не била насочена кон световна големина. Биле „едонодушни”, со „еден ум и една душа”. Христос ги исполнувал нивните мисли. Нивна цел било напредувањето на неговото царство. Со умот и карактерот тие станале слични на нивниот Учител, а луѓето „ги препознаа дека тие беа со Исуса” (Дела апостолски 4,13). EdM 93.7
Тогаш Христовата слава се открила така како што никогаш порано смртните луѓе немале можност да ја видат. Мнозина, кои се потсмевале на Неговото име и ја презирале Неговата моќ, одлучиле да бидат ученици на Распнатиот. Со помош на Светиот Дух овие скромни луѓе што Христос ги одбрал, го протресле светот со нивното дело. Во една единствена генерација Евангелието му било објавено на секој народ под небото. EdM 94.1
__________
Истиот Дух, кој го испратил наместо себе, за да им биде учител на Неговите први соработници, Христос го овластил да им биде учител и на неговите соработници денес. Тој ветил: „Еве, Јас Сум со вас во сите дни, до свршетокот на светот” (Матеј 28,20). EdM 94.2
Присуството на истиот Водич во воспитното дело денес ќе доведе до истите резултати како и некогаш. Тоа е целта кон која се стреми вистинското воспитување; тоа е делото што тоа, по Божја волја, треба да го изврши. EdM 94.3