Воспитување
УЧИЛИШТЕ ВО ВЕЧНОСТА
„И ќе го гледаат лицето Негово, а името Негово ќе им биде на челата нивни.”
(Откровение 22,4)
Небото е училиште; неговата област на проучување е вселената; неговиот Учител — Бесконечниот. Гранка на ова училиште била отворена во Едем; и кога планот на спасението ќе се оствари, образованието повторно ќе продолжи во небесното училиште. EdM 316.1
„Што окото не виде, што увото не чу, што во човечкото срце не дојде, тоа Бог го приготви за оние кои го љубат” (1. Коринќаните 2,9). Само со проучување на Божјата Реч може да се добие знаење за тоа; па дури и таа овозможува само делумно откровение. EdM 316.2
Пророкот од Патмос вака го опишува местото каде што се наоѓа училиштето од вечноста: „И видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа... Тогаш јас, Јован, го видов Светиот Град - Новиот Ерусалим, како слегува од небо, од Бога, стокмен како невеста, која е украсена за својот маж” (Откровение 21,1.2). EdM 316.3
„И на градот не му е потребно сонцето, ниту месечината, за да му светат, зашто Божјата слава го осветлува, а Јагнето му е светилник” (Откровение 21,23). EdM 317.1
Помеѓу училиштето воспоставено во Едем во почетокот и училиштето во вечноста се протега целиот тек на историјата на овој свет — историја на човечки престапи и страдања, божествена жртва и победа над смртта и гревот. Училиштето во идниот живот нема да биде исто во сё како првото училиште во Едем. Никакво дрво за познавање на доброто и злото нема да дава можност за искушение. Таму нема никаков искушувач, никаква можност за зло. Секој карактер го издржал искушението да направи зло и ниту еден не е веќе подложен на неговата моќ. EdM 317.2
„На оној, што победува, вели Христос, „ќе му дадам да јаде од дрвото на животот, кое што е среде Божјиот рај” (Откровение 2,7). Давањето плод од дрвото на животот во Едем било поврзано со услов и на крај било ускратено. Но, даровите на идниот живот се без услови и вечни. EdM 317.3
Пророкот гледа „чиста река со вода на животот, бистра како кристал која истекува од престолот на Бога и на Јагнето.” „И од двете страни на реката: дрво на животот.” „И смрт нема да има веќе; ни трага, ни плач, ниту болка, зашто првото помина” (Откровение 22,1; 22,2; 21,4). EdM 317.4
„Сите во твојот народ ќе бидат праведници, и ќе ја наследат земјата довека, подниците на мојот расад, делото на моите раце, за да се прославам во нив” (Исаија 60,21). EdM 317.5
Кога ќе биде вратен во Божјата близина, човекот, како и во почетокот, повторно ќе биде поучуван од Бога: „Затоа мојот народ ќе го познае моето име; и ќе сфати во оној ден дека Јас сум истиот, кој вели: ‘Еве Ме!’” (Исаија 52,6) EdM 317.6
„Еве го Божјиот Шатор меѓу луѓето; и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат негов народ, и самиот Бог ќе биде со нив” (Откровение 21,3). EdM 318.1
„Тоа се оние, кои доаѓаат од голема неволја, кои ги испраа облеките свои и ги избелија во крвта на Јагнето.” Затоа се пред Божјиот престол и Му служат дење и ноќе во Неговиот храм... Нема веќе да огладнат ниту да ожеднат, ниту сонцето ќе ги пече, ниту некаква жега; зашто Јагнето, кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори жива вода” (Откровение 7,14-17). EdM 318.2
„Сега гледаме како во огледало - нејасно; но тогаш: лице во лице. Сега знам делумно, но тогаш ќе сознам целосно, како што и јас бев самиот наполно познат” (1. Коринќаните 13,12). EdM 318.3
„И ќе го гледаат Неговото лице, и Неговото име ќе биде на нивните чела” (Откровение 22,4). EdM 318.4
Какво ли подрачје за истражување ќе се отвори пред нас кога ќе биде отстранет превезот што сега го замрачува нашиот видик, кога нашите очи ќе го здогледаат прекрасниот свет што сега само делумно го гледаме со микроскоп; кога ќе ја гледаме славата на небесата која сега оддалеку ја набљудуваме со телескоп; кога ќе биде отстрането злокобното влијание на гревот, кога целата Земја ќе се појави „во велелепноста на Господа, нашиот Бог!” Тогаш секој истражувач на науката ќе може да ги чита извештаите за создавањето без да открие нешто што би го потсетило на законот на злото. Ќе може да ја слуша музиката на гласовите на природата без да открие ниту една нота на тага, ниту еден призвук на жалост; во сё што е создадено ќе може да следи само еден ракопис - во бесконечната вселена ќе го гледа Божјето име напишано со големи букви, а ни на земјата, ни во морето, ни на небото нема да види ниту една заостаната трага од злото. EdM 318.5
Таму ќе се живее едемски живот, живот во градина и во поле. „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце” (Исаија 65,21.22). EdM 319.1
Таму нема да има ништо што ќе причинува „зло и штета по целата Моја света гора, вели Господ” (Исаија 65,25). Таму на човекот ќе му биде вратено неговото загубено царско достоинство; и суштествата од понизок род повторно ќе ја признаат неговата власт; суровите ќе станат нежни а плашливите полни со доверба. EdM 319.2
Таму пред истражувачот ќе се отворат неограничени хоризонти и неискажани богатства на историјата. Тука, со помош на Божјата реч, на истражувачот му се нуди поглед во просторното подрачје на историјата и тој може да се здобие со некои сознанија за принципите кои управуваат со развојот на човечките настани. Но, неговите хоризонти сё уште се замрачени и неговото знаење непотполно. Дури кога ќе биде осветлен со светлината на вечноста, сё ќе му биде објаснето. EdM 319.3
Тогаш ќе му биде откриен текот на големата борба што избувнала пред почетокот на времето и која ќе заврши дури кога времето ќе истече. Историјата за постанокот на гревот, смртоносните измами со неговото изопачено дејство, историјата на вистината која, не скршнувајќи од својот сопствен прав пат, ја сретнала заблудата и ја победила — сето тоа ќе биде објавено. Превезот што бил ставен помеѓу видливиот и невидливиот свет ќе биде повлечен настрана и ќе му бидат дадени прекрасни откровенија. EdM 319.4
Кога Божјето провидение ќе го набљудуваме во светлината на вечноста, дури тогаш ќе разбереме што должиме за грижата и залагањето на Божјите ангели. Небесните суштества активно учествувале во работите на луѓето. Тие се појавувале во облека која блескала како молња; доаѓале како луѓе во лик на патници. Го прифаќале гостопримството на човечките домови; служеле како водичи за патниците кои ноќта ги затекнала на пат. Тие ги попречувале намерите на крадецот и го свртувале ударот на убиецот. EdM 320.1
Иако владетелите на овој свет не го знаат тоа, сепак ангелите често зборувале во нивните собранија. Нив ги гледале човечки очи. Човечките уши ги слушале нивните говори. Во собранијата и судниците небесните гласници ги застапувале прогонетите и потчинетите. Тие ги соборувале намерите и ги запирале злата кои можеле да им нанесат страдања и штета на Божјите деца. На учениците во небесното училиште сето тоа ќе им биде објаснето. EdM 320.2
Секоја спасена душа ќе дознае каква служба извршувале ангелите во нивниот живот. Како ли ќе биде кога таа ќе разговара со ангелот кој бил нејзин чувар од нејзините најрани денови; со ангелот кој бдеел над нејзините чекори и ја засолнувал нејзината глава во денот на опасност; со ангелот кој бил со неа во долината на смртната сенка, кој го обележал местото на нејзината починка и кој прв ќе ја поздрави во утрото на воскресението — кога ќе ја дознае историјата на божественото посредување во животот на поединецот, историјата на работата на целото небо во сё што било направено за човечкиот род! EdM 320.3
Тогаш ќе бидат објаснети сите потешкотии во животните искуства. Таму каде што сме гледале само хаос и разочарување, неостварени планови и изјаловени намери ќе се види голема, врвна, победоносна намера. Тоа е божествената хармонија. EdM 320.4
Сите кои таму несебично работеле, ќе ги гледаат плодовите од својата работа. Таму ќе се види исходот на секој вистински принцип и благородно дело. Нешто од тоа гледаме уште тука. Но колку малку резултати од својот труд гледа во овој живот оној кој го извршува најблагородното дело на светот! Колкумина работат несебично и неуморно за оние кои никогаш нема да ги видат ниту да ги запознаат! Родителите и учителите заминуваат на својата последна починка, а сё што правеле во животот изгледа залудно; тие не знаат дека нивната верност отпечатила извори на благослов кои никогаш нема да престанат да течат; тие само со вера гледале дека децата што ги воспитувале ќе станат благослов и инспирација за своите ближни и дека нивното влијание повеќекратно ќе се зголеми. Многу пратеници му упатуваат на светот вести полни со сила, надеж и храброст, зборови кои носат радост на срцата во секоја земја; но тој кој работи во осаменост и непознатост знае малку за нивните плодови. Така се даваат дарови, се носат товари и се извршува работата. Луѓето сеат семе од кое други над нивните гробови жнеат благословена жетва. Тие садат овошки за други да можат да јадат плодови. Тука им е доволно што знаат дека ги поттикнале силите на доброто. Во вечноста ќе се види дејството и противдејството на сите нешта. EdM 321.1
На небото се чува извештај за секој дар што Бог им го дал на луѓето за да ги поттикне на несебична работа. Да се истражуваат тие сеопфатни извештаи, да се бараат оние кои со нашите напори биле воздигнати и облагородени, да се гледа влијанието на вистинските принципи во нивниот живот - тое ќе биде еден од предметите и наградите во небесното училиште. EdM 321.2
Таму ќе знаеме како што сме биле познати. Таму љубовта и сочувството што Бог ги всадил во душата ќе најдат свој најдобар и најубав израз. Непорочната заедница со светите суштества, хармоничниот живот со светите ангели и со верните од сите векови, посветеното пријателство кое го поврзува целото семејство на небесата и земјата — сето тоа се искуства кои ќе ги придобиваме во вечноста. EdM 322.1
Таму ќе има музика и песна, таква музика и таква песна какви, освен во виденијата дадени од Бога, ниту едно смртно уво не слушнало ниту, пак, умот ги замислил. EdM 322.2
„Таму ќе бидат и пејачите и свирачите на инструменти” (Псалм 87,7). „Тие го креваат гласот, воскликнуваат од радост; го возвишуваат од морето Господовото величие” (Исаија 24,14). EdM 322.3
„Господ ќе го утеши Сион, ќе ги утеши сите негови урнатини и неговата пустота ќе ја направи како Едем и степите негови како градина Господова; радост и веселба ќе одекнува таму, благодарење и глас на песни” (Исаија 51,3). EdM 322.4
Таму секоја моќ ќе се развива, секоја способност ќе се зголемува. Ќе се преземаат највеличествени потфати, ќе се остваруваат најблагородни стремежи, ќе се постигнуваат највозвишени цели. И пак ќе се појавуваат нови врвови за совладување, нови чуда за да им се восхитуваме, нови вистини да ги разбереме, нови замисли да ги поттикнуваат силите на телото, умот и душата. EdM 322.5
Божјите деца ќе можат да ги истражуваат сите сокровишта на вселената. Ние со неискажано уживање ќе учествуваме во радоста и мудроста на безгрешните суштества. На располагање ќе ни стојат богатствата стекнати во текот на многуте векови на размислување за делата на Божјите раце. А како што ќе минуваат годините на вечноста и понатаму ќе донесуваат сё пославни откровенија. „Прекумерно над сё што бараме или мислиме” (Ефесјаните 3,20), ќе ни бидат вечно дарувани како Божји дарови. EdM 322.6
„Неговите слуги ќе му служат” (Откровение 22,3). Животот на Земјата е почеток на животот на Небото; воспитувањето на земјата е запознавање со принципите на небото; животната професија тука нё подготвува за животната професија таму. Она што сме сега во карактерот и во светата служба, однапред ни кажува за она што ќе бидеме. EdM 323.1
„Човечкиот Син не дојде да му служат, туку да служи” (Матеј 20,28). Работата што ја извршувал тука, Христос ја врши и горе, а наша награда за работата со Него во овој свет, ќе биде поголемата сила и повозвишената предност да работиме со Него во светот што ќе дојде. EdM 323.2
„Вие сте мои сведоци, за тоа дека Јас сум Бог — вели Господ” (Исаија 43,12). Тоа ќе бидеме и во вечноста. EdM 323.3
Зошто било дозволено големата борба да трае со векови? Зошто сатаната не престанал да постои штом се побунил? Тоа се случило за вселената да може да се увери дека Бог праведно постапува со злото, за гревот да може да биде засекогаш осуден. EdM 323.4
Во планот на спасението постојат височини и длабочини кои ни самата вечност нема да ги истражи, чуда во кои и ангелите сакаат да ѕирнат. Само откупените, меѓу сите создадени суштества, се здобиле со лично искуство во вистинската борба со гревот; тие работеле со Христа и повеќе од самите ангели, ја запознале заедницата на Неговите маки; зар тие немаат што да кажат за науката на спасението — нешто што има вредност и за безгрешните суштества? EdM 323.5
Дури и сега на „началствата и властите небесни” им се објавува „многуразличната премудрост Божја... преку црквата.” И Тој нё „воскресна со Него и постави на небесата... за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Исуса Христа” (Ефесјаните 3,10; 2,6.7). EdM 323.6
„Во храмот Негов секој ја возвестува славата негова” (Псалм 29,9) и песната што ќе ја пеат спасените — песната на нивното искуство — ќе ја објавува Божјата слава: „Големи и прекрасни се Твоите дела, Господи Боже Седржителу! Праведни и вистинити се твоите патиштацару над народите! Кој нема да се уплаши од Тебе, Господи и не ќе го прослави Твоето име? Зашто само Ти си свет” (Откровение 15,3.4). EdM 324.1
Во нашиот сегашен живот, иако е земски и ограничен со гревот, најголема радост и највисоко воспитување се добива со служење. И во идниот живот, неограничен со грешна човечка природа, наша најголема радост и наше највисоко воспитување ќе наоѓаме во служењето — со сведочење и постојано учење во текот на сведочењето „колку е богата славата на оваа тајна” — Христос во вас, надеж на славата” (Колошаните 1,27). EdM 324.2
„Возљубени, сега сме чеда Божји! Но уште не се покажа што ќе бидеме. Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе го видиме каков што е” (1. Јованово 3,2). EdM 324.3
Тогаш Христос ќе ја види платата на Својот труд во успехот на својата работа. Во тоа големо мноштво, кое никој не може да го изброи, кое „непорочно и радосно стои пред Неговата слава” (Јуда 24), Оној чија крв нё откупила и чиј живот нё учел, „ќе се зарадува поради трудот на душата Своја и ќе види светлина” (Исаија 53,11). EdM 324.4