Воспитување

60/65

ПОДГОТОВКА

Труди се грижливо за да се покажеш себеси пред Бога достоен како работник.”
2. Тимотеј 2,15

Првиот учител на детето е мајката. Во текот на периодот на најголема приемчивост и најбрзо развивање, неговото воспитување во голема мера е во нејзини раце. Прво нејзе ў се дава можност да го обликува карактерот на детето или за добро или за лошо. Таа мора да ја разбере вредноста на можноста што ў е дадена, и повеќе од секој друг учител мора да се оспособи да ја искористи на најдобар начин. Меѓутоа, на ничија подготовка не се посветува толку малку внимание како на нејзината. Најмалку систематски напори се вложуваат да ў се помогне на мајката, чие воспитно влијание е најсилно и најдалекусежно. EdM 288.1

Оние на кои им е доверена грижата за мало дете многу често не ги познаваат неговите физички потреби; тие знаат малку за законите на здравјето или принципите на развојот. Не се ништо подобро подготвени да се грижат ниту за неговиот ментален и духовен раст. Тие се можеби оспособени да управуваат со деловни зделки или да блескаат во општеството; можеби постигнуваат вонредни успеси во литературата и науката; но имаат малку знаење за воспитување на децата. Токму поради овој недостаток, особено поради запоставувањето на физичкиот развој во првите години, голем дел од припадниците на човечкиот род умира во детството, а меѓу оние кои ќе ја достигнат зрелоста, на мнозина животот им претставува само товар. EdM 288.2

Врз татковците, исто како и врз мајките, почива одговорноста за раното и подоцнежно воспитување на детето, и затоа е неопходно потребно и двајцата родители внимателно и темелно да се подготват за тоа. Мажите и жените мораат да се запознаат со законите на физичкиот развој — со физиологијата и хигиената, со важноста на влијанието врз детето уште пред неговото раѓање, со законите на наследувањето, со здравствените мерки, облекувањето, вежбите на телото и лекувањето болести уште пред да решат да ја преземат должноста на татковството и мајчинството. Тие, исто така би морале да ги разберат и законите на менталниот развој и моралното воспитување. EdM 289.1

Ова дело на воспитување Бесконечниот го сметал за толку важно што испратил гласник од својот престол да одговори на прашањето на идната мајка: „Според кои прописи и како треба да се постапува со детето?” (Судии 13,12), и да го поучи таткото за воспитувањето на ветениот син. EdM 289.2

Воспитувањето нема да постигне сё што би можело и требало да постигне сё додека во потполност не се разбере важноста на работата на родителите, и додека тие не добијат образование кое ќе ги подготви за носење на таа света одговорност. EdM 289.3

Веќе се согледува потреба учителите да се подготват за својата професија; но ретки се оние кои сфаќаат кој вид на подготовка е најважен. Оној кој е свесен за одговорностите поврзани со воспитувањето на младите, ќе согледа дека не може да биде доволно образованието само на научен и литературен план. Учителот мора да се здобие со пошироко образование од она кое може да се добие со проучување на книги. Нему не му е потребна само сила туку и широчина на умот; тој мора да биде не само целосно посветен на работата, туку и со широко срце. EdM 290.1

Само Оној кој го создал умот и ги одредил неговите закони може совршено да ги разбере неговите потреби и да управува со неговиот развој. Принципите на воспитувањето што Тој ги утврдил се единствениот сигурен водич. Неопходно е секој учител да ги запознае и прифати овие принципи и да го усогласи својот живот со нив. EdM 290.2

Искуството е незаменливо во практичниот живот. Редот, темелноста, точноста, владеењето со себеси, ведриот дух, сталоженоста, пожртвуваноста, чесноста и услужноста се неопходни особини. EdM 290.3

Бидејќи младината е опкружена со толку безвредни карактери и лицемерие, уште е поголема потребата учителот со своите зборови, ставот и однесувањето да дава пример на благородност и чесност. Децата бргу го откриваат преправањето или која било друга слабост или недостаток. Учителот може да го задобие почитувањето на своите ученици само ако во својот сопствен карактер ги покаже принципите на кои сака да ги научи. Само ако го направи тоа преку секојдневно дружење со нив, тој ќе може да има трајно и добро влијание врз нив. EdM 290.4

Речиси сите други својства, кои придонесуваат за успехот на учителот, во многу голема мерка зависат од неговата физичка сила. Колку е подобро неговото здравје, толку ќе биде подобра и неговата работа. EdM 290.5

Неговите одговорности се толку заморни што тој мора да вложи посебен напор за да ги сочува силата и свежината. Тој често чувствува дека срцето и умот му се замориле, и одвај може да ў се спротивстави на меланхолијата, рамнодушноста или раздразливоста. Негова должност е не само да им се спротивстави на таквите расположенија, туку и да ја отстрани нивната причина. Тој мора своето срце да го одржи непорочно, пријатно, полно со доверба и сочувство. За да може секогаш да биде цврст, сталожен и со добра волја, мора да ги сочува силата на умот и нервите. EdM 291.1

Бидејќи квалитетот во неговата работа е многу поважен од квантитетот, тој мора да се чува од прекумерно работење — од обидување да носи поголем товар отколку што може; од прифаќање други одговорности кои би го онеспособиле за неговата работа; од учествување во разонодите и друштвените забави кои повеќе исцрпуваат отколку што освежуваат. EdM 291.2

Едно од најдобрите средства за рекреација на телото и умот се вежбите на свеж воздух, особено ако се проследени со полезна работа; а примерот на учителот ќе разбуди кај учениците интерес за мануелната работа и ќе ги вдахне со почитување кон таквата работа. EdM 291.3

Во секој поглед учителот е должен строго да ги почитува принципите на здравјето. Тој мора да го прави тоа не само за да ја сочува својата работоспособност, туку и за да може на тој начин да влијае на своите ученици. Мора да биде умерен во сё; мора да биде пример во исхраната, облекувањето, работата и рекреацијата. EdM 291.4

Со физичкото здравје и чесниот карактер требаат да се соединат и високи литературни квалификации. Колку повеќе вистинско знаење има учителот, толку ќе биде подобра неговата работа. Училницата не е место за површна работа. Ниеден учител кој се задоволува со површно знаење нема да постигне значајни резултати. EdM 291.5

Но, ползата на учителот не зависи толку од вистинското количество на неговото знаење колку од целта по која тој се стреми. Вистинскиот учител не поднесува инертност на мислите, мрзливост на умот и несигурност на помнењето. Тој постојано се стреми кон повисоки достигања и подобри методи. Неговиот живот е живот на постојан раст. Во работата на ваквиот учител се забележува свежина, оживувачка сила, која ги буди и инспирира неговите ученици. EdM 292.1

Учителот мора да биде способен за својата работа. Тој мора да ги има мудроста и тактичноста потребни за работа со душите. Колку и да е големо неговото познавање на науката, колку и да се вонредни неговите способности на други подрачја, ако не придобие почитување и доверба од своите ученици, неговите напори ќе бидат залудни. EdM 292.2

Потребни се учители кои бргу ја воочуваат и искористуваат секоја можност да прават добро; кои воодушевувањето го соединуваат со вистинското достоинство, кои се способни да управуваат, да посочуваат, да ги вдахнат мислите, да будат сила и да влеваат храброст и живот. EdM 292.3

Можеби можностите за образование на учителот биле ограничени така што тој нема толку високи литературни квалификации какви би биле пожелни; сепак, ако навистина ја познава човечката природа, ако навистина ја сака својата работа, ако е свесен за нејзината важност и сака да се усоврши, ако е подготвен да работи сериозно и истрајно, тој ќе ги разбере потребите на своите ученици, и со својот сочувствителен и напреден дух ќе ги придобие да го следат кога ќе сака да ги воздигне и поведе напред. EdM 292.4

Децата и младежта, за кои учителот се грижи, многу се разликуваат како според природата, така и според навиките и воспитувањето. Некои од нив немаат одредена цел или цврсти принципи. Ним треба да им се помогне да ги сфатат своите одговорности и можности. Само некои од децата биле правилно воспитувани во своите домови. Други биле миленици на домашните. Целото нивно воспитување било површно. Научени да се поведуваат по своите околности и да ги одбегнуваат одговорностите и товарите, таквите деца немаат постојаност, издржливост ниту подготвеност за самооткажување. Дисциплината често ја сметаат за непотребно ограничување. Други, пак, биле казнувани и обесхрабрувани. Самоволното ограничување и грубост во нив развиле тврдоглавост и дрскост. Ако сакаме правилно да ги обликуваме овие изопачени карактери, таа работа во најмногу случаеви мора да ја изврши учителот. За да ја изврши со успех, тој мора да има сочувство и проникливост да ја пронајде причината на маните и грешките на своите ученици. Мора да биде тактичен и умешен, трпелив и цврст за да може секому да ја даде потребната помош - на нерешителните и љубителите на безделничењето охрабрување и поддршка за да ги поттикне на активност, на обесхрабрените сочувство и признание за да создаде доверба и да ги поттикне на работа. EdM 293.1

Учителите често не успеваат да воспостават другарски однос со своите ученици. Тие покажуваат премалку сочувство и нежност, а премногу достоинство на строг судија. Иако учителот мора да биде цврст и одлучен, тој не смее да биде претерано строг ниту насилен. Ако е груб и критички настроен, ако се издвојува од своите ученици и кон нив постапува рамнодушно, тој ги затвора патиштата за ширење на своето благотворно влијание врз нив. EdM 293.2

Под ниедни околности учителот не смее да биде пристрасен. Да се укажува посебна наклонетост кон пријатните и привлечните ученици, а да се биде критичен, нетрпелив и немилосрден кон оние на кои им се најмногу потребни охрабрување и помош, значи сосем погрешно да се разбере учителската работа. Карактерот на учителот се искушува токму преку неговото однесување кон лошите и непријатни ученици. Тоа покажува дали тој е навистина способен за својата служба. EdM 294.1

__________

Голема е одговорноста на оние кои се нафаќаат да насочат човечка душа. Вистинските татковци и мајки тоа го сметаат за должност од која никогаш нема да бидат потполно ослободени. Во животот на детето од првиот до последниот ден се чувствува влијанието на врската која го спојува со срцето на родителот; делата, зборовите, самиот изглед на родителот, продолжуваат да го обликуваат детето на добро или на зло. Учителот ја споделува оваа одговорност и мора постојано да се потсетува на нејзината светост и да ја има предвид целта на својата работа. Тој не е поставен само да ги извршува своите секојдневни должности, да им угодува на своите работодавци, да го одржува угледот на училиштето; тој мора да го има на ум доброто на своите ученици како поединци, должностите кои животот ќе им ги довери, службата што тој ќе ја бара и подготовката што ќе ја очекува. Работата што тој ја извршува од ден во ден меѓу неговите ученици, а преку нив и врз други, ќе има влијание кое нема да престане да се шири и да јакне сё додека постои светот. Тој ќе мора да се соочи со плодовите на својата работа во оној голем ден кога секој збор и секое дело ќе бидат испитани пред Бога. EdM 294.2

Учителот кој ќе го разбере ова, нема да мисли дека ја извршил својата работа кога го завршил своето вообичаено предавање за тој ден и кога учениците привремено не се под негова директна контрола. Тој ќе ги носи во срцето тие деца и младината. Постојано ќе размислува и ќе се труди да им обезбеди најдобар квалитет на наставата. EdM 295.1

Оној кој е свесен за можностите и предимствата што му ги овозможува неговата работа, нема да дозволи ништо да го запре во сериозниот напор да се усоврши. Тој нема да штеди труд да достигне највисок степен на совршенство. Сё што сака неговите ученици да станат, тој ќе се труди и самиот да биде таков. EdM 295.2

__________

Колку што е учителот посвесен за својата одговорност, и колку посериозно се труди да се усоврши, толку појасно ќе ги забележува недостатоците кои го попречуваат во постигнувањето успеси и поискрено ќе жали поради нив. Кога ја набљудува големината на својата работа, нејзините потешкотии и можности, често со целото свое срце ќе воскликне: „Кој е способен за сё ова?” (2. Коринќаните 2,16). EdM 295.3

Драг учителу, кога размислуваш за својата потреба од сила и совети — потреба која ниту еден човечки извор не може да ја задоволи — те повикувам да размислуваш за ветувањата на Оној кој е наречен прекрасен Советник. EdM 295.4

„Ете”, вели Тој, „поставив пред тебе отворена врата, што никој не може да ја затвори” (Откровение 3,8). EdM 295.5

„Повикај ме, и ќе ти одговорам.” „Ќе те учам, ќе ти го покажам патот по кој да одиш; моето око ќе бдее над тебе” (Еремија 33,3; Псалм 32,8). EdM 295.6

„Јас сум со вас во сите дни, до свршетокот на светот” (Матеј 28,20). EdM 296.1

За најдобро да се подготвиш за својата работа, те упатувам на зборовите, животот и методите на Кнезот на учителите. Те повикувам да размислуваш за него. Тој е твојот вистински идеал. Набљудувај го, размислувај за Него сё додека Духот на божествениот Учител не завладее со твоето срце и животот. EdM 296.2

Ако „ја одразуваме Господовата слава”, и ние се „преобразуваме во истиот лик” (2. Коринќаните 3,18). EdM 296.3

Тоа е тајната на твоето влијание врз учениците. Одразувај го Него! EdM 296.4