Воспитување
ЖИВОТНО ДЕЛО
„Но, едно нешто правам.”
Филипјаните 3,13
За да се постигне успех на кое било подрачје, мора да се има одредена цел. Оној кој сака да постигне вистински успех во животот, мора постојано да ја има пред очите целта вредна за тој труд. Таква цел е поставена пред денешната младина. Небесната намисла да му се објави Евангелието на светот во оваа генерација е најблагородната цел на која може да ў се посвети едно човечко суштество. Таа отвора поле за работа за секој чие срце е допрено од Христа. EdM 276.1
Божјата намера со децата што растат во нашите домови е многу поширока, подлабока и повисока отколку што нашиот ограничен разум може да разбере. Бог во минатите времиња ги повикувал од најскромни прилики оние кои се покажале верни, да сведочат за него на највисоките места во светот. И многу момчиња кои денес растат како што растел Даниел во својот јудејски дом, проучувајќи ја Божјата Реч и Неговите дела и извршувајќи ги верно своите должности, еднаш ќе стојат во законодавните собранија, во судниците или во царските дворови како сведоци на Царот над царевите. Мнозина ќе бидат повикани да извршат вонредна служба. Целиот свет се отвора за Евангелието. Етиопија ги подава своите раце кон Бога. Од Јапонија, Кина и Индија, од земјите на нашиот континент кои се сё уште покриени со темнина, од сите краишта на овој наш свет доаѓа крикот на срцата ранети од гревот кои бараат да Го запознаат нашиот Бог на љубовта. Милиони и милиони никогаш не слушнале за Бога или за неговата љубов која се открила во Христа. Нивно право е да го добијат тоа знаење. Тие имаат исто право на милоста на Спасителот како и ние. На нас, кои сме го примиле ова знаење, и на нашите деца на кои ќе го пренесеме, почива одговорноста да се отповикаме на нивниот плач. На секое домаќинство и на секое училиште, на секој родител, наставник и дете, кои ги осветлила светлината на Евангелието, во овој судбоносен час му е упатено прашањето поставено на царицата Естира во оној значаен миг од историјата на Израел: „Кој знае, дали токму и не си се искачила до царската чест заради часот како што е овој?” (Естира 4,14). EdM 276.2
Оние кои размислуваат за последиците од забрзувањето или попречувањето на Евангелието обично мислат на последиците што тоа ги остава врз нив или врз светот. Ретки се оние кои размислуваат како тоа се одразува врз Бога. Ретки се оние кои мислат на страдањата што гревот ги предизвикал на нашиот Создател. Целото небо страдало во Христовата претсмртна борба; но тоа страдање ниту почнало ниту завршило со неговото појавување во човечка лика. Крстот на нашите затапени сетила им ја открива болката што гревот уште од самиот почеток му го нанесувал на Божјото срце. Секое оддалечување од праведноста, секое сурово дело, секој неуспех на човекот да го достигне божествениот идеал, му нанесува болка на Бога. Кога некогаш, како неминовна последица од одвојувањето од Бога, Израелвите ги снашле неволји — подложност на непријателите, суровост и смрт — било кажано дека „душата Господова веќе не ги истрпе страдањата на Израелците.” „Во сите нивни тешкотии Тој ги сожалуваше… ги дигна и ги носеше во сите дни...” (Судии 10,16; Исаија 63,9). EdM 277.1
Неговиот Дух „посредува за нас со неискажливи воздишки.” Додека „целото создание заедно со нас воздивнува и страда” (Римјаните 8,26.22), срцето на Бесконечниот Татко сочувствува во болката. Нашиот свет е голема куќа на јадови, сцена на таква беда што не се осмелуваме да им дозволиме на нашите мисли да се занимаваат со неа. Нашиот товар би бил страшен кога би согледале колкава е таа. Но, Бог го чувствува сето тоа. За да ги уништи гревот и неговите последици, Тој го жртвувал своето најмило и нам ни дал моќ, во соработка со него, да ў ставиме крај на таа сцена на беда. „И ова Евангелие за Царството ќе биде проповедано по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот” (Матеј 24,14). EdM 278.1
Христос им заповедал на своите следбеници: “Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание” (Марко 16,15). Не се сите повикани да бидат проповедници или мисионери во вообичаената смисла на зборот; но сите можат да бидат Христови соработници во објавувањето на „радосната вест” на своите ближни. Заповедта им е упатена на сите, големи и мали, учени и неуки, стари и млади. EdM 278.2
Можеме ли, имајќи ја предвид оваа заповед, да ги воспитуваме нашите синови и ќерки за живот во кој ќе ги почитуваат воспоставените навики, за живот кој е навидум христијански, но без Христовото самооткажување, за живот над кој Оној кој е вистина мора да ја изрече осудата: „Не ве познавам!” EdM 278.3
Илјадници го прават тоа. Тие се трудат да им го обезбедат предимството на Евангелието на своите деца, а се откажуваат од неговиот дух. Но, не може да биде така. Оние кои го одбиваат предимството од заедницата со Христа во службата, го отфрлуваат единственото училиште што ги оспособува да учествуваат со него во неговата слава. Го отфрлуваат училиштето кое во овој живот му дава сила и благородност на карактерот. Многу татковци и мајки кои на своите деца не им укажувале на Христовиот крст, предоцна сфатиле дека на тој начин му ги предале на непријателот на Бога и на луѓето. Тие ја запечатиле нивната пропаст не само за идниот, туку и за сегашниот живот. Искушенијата ги надвладеале. Тие израснале да бидат проклетство за светот, а болка и срам за оние што ги родиле. EdM 279.1
Дури и кога се стремат да се подготват за Божјата служба, мнозина тргнуваат по друг пат поради погрешните методи на воспитување. Општо е прифатено мислењето дека животот се состои од одделни периоди, период на учење и период на работа — од подготовка и извршување. За да се подготват за животната служба, младите одат на училиште каде ќе се здобијат со знаење проучувајќи книги. Одвоени од одговорностите на секојдневниот живот, тие толку му се посветуваат на учењето што често ја губат од вид неговата цел. Гасне жарот на нивното младешко посветување и мнозина меѓу нив стануваат обземени со некоја лична, себична амбиција. На крајот од школувањето, илјадници од нив губат допир со животот. Тие премногу долго се занимавале со она што е апстрактно и теоретско, и сега, кога целото нивно битие мора да се разбуди и да се соочи со острите судири во вистинскиот живот, тие се неподготвени. Наместо да се посветат на благородно дело, како што имале намера, тие целата своја енергија ја трошат во борба за голиот живот. По повторените разочарувања, очајни што не можат да заработат доволно за чесен живот, мнозина стануваат вовлечени во сомнителни и недозволени работи. На светот му е скусена службата што можел да ја добие, а на Бога му се ускратени душите кои толку посакувал да ги издигне, облагороди и награди како свои претставници. EdM 279.2
Многу родители грешат што на своите деца не им даваат еднакви можности за образование. Тие се подготвени на секоја жртва за да му обезбедат предимства на она дете кое е бистро и способно. Но, не сметаат дека тие исти предимства им се неопходни и на децата кои помалку ветуваат. Тие веруваат дека малку образование е доволно за извршување на обичните животни должности. EdM 280.1
Меѓутоа, кој е способен меѓу децата во семејството да ги одбере оние врз кои ќе почиваат најголеми одговорности? Колку пати се покажало дека човечкиот разум токму тука бил во заблуда? Сетете се на искуството на Самоил кога бил испратен да помаже еден од Јесеевите синови за цар над Израел! Покрај него поминале седум момчиња со благороден изглед. Кога го погледнал првиот, со пријатнa појава, добро оформено тело и благородно држење, пророкот воскликнал: „Без сомнение, еве пред Господа стои неговиот помазаник!” Но Бог рекол: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст зашто го отфрлив. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето.” Така на овие седуммина им било посведочено: „Господ не избра ниеден од овие” (1. Самоилова 16,6.7.10). И сё додека не бил повикан Давид од стадото, на пророкот не му било дозволено да ја изврши својата мисија. EdM 280.2
Постарите браќа, меѓу кои Самоил сакал да избира, ги немале особините за кои Бог сметал дека мора да ги има владетелот на неговиот народ. Гордите, себичните, полни со самодоверба, биле отфрлени заради еден кого тие го потценувале, еден кој ги сочувал едноставноста и искреноста на својата младост, и кого, иако самиот се сметал за безвреден, Бог можел да го воспита да ги понесе царските одговорности. Така и денес, во многу деца кои родителите ги запоставуваат, Бог гледа способности многу поголеми од способностите на другите деца, за кои се мисли дека повеќе ветуваат. EdM 281.1
Со оглед на можностите во животот, кој е способен да оцени што е големо а што мало? Колку луѓе на ниски положби во животот, поттикнувајќи дејности од благослов за светот, постигнале резултати на кои и цареви би можеле да им завидуваат! EdM 281.2
Затоа секое дете треба да добие образование за највозвишената служба. „Наутро сеј го своето семе и навечер твојата рака нека не почива, зашто не знаеш, дали ќе биде подобро ова или она” (Проповедник 11,6). EdM 281.3
Она посебно место кое ни е одредено во животот, доделено ни е во согласност со нашите способности. Не достигнуваат сите ист степен на развој, ниту со ист успех извршуваат иста работа. Бог не очекува од исопот да ги достигне пропорциите на еден кедар, ниту од маслинката височина на величествената палма. Но секој мора да се труди да се вивне онолку високо колку што му овозможува здружувањето на човечките и небесните сили. EdM 281.4
Мнозина не стануваат она што би можеле, затоа што не ја ползуваат силата што е во нив. Не се потпираат, колку што би можеле, врз божествената сила. Мнозина скршнале од патот на кој би можеле да постигнат најголем успех. Барајќи поголема почест или поугодна работа, тие се обидуваат да прават нешто за што не се способни. Многу луѓе чии таленти се посоодветни за некоја друга работа, амбицијата ги нагонува да се посветат на некоја интелектуална професија. И така, оној кој можел да биде успешен како земјоделец, занаетчија или медицински техничар, носи назив проповедник, правник или лекар, иако е неспособен за тоа. Други, пак, кои можеле да се занимаваат со некоја одговорна работа, се задоволуваат со некоја полесна положба едноставно поради недостиг на енергија, трудољубивост или истрајност. EdM 281.5
Ние мораме поточно да се придржуваме до Божјиот план за животот. Да ја извршуваме колку е можно подобро работата која е пред нас, да му ги довериме на Бога нашите патишта и да внимаваме на знаците на Неговото провидение — тоа се правилата кои служат како сигурен водич при изборот на професијата. EdM 282.1
Оној кој дошол од Небото да биде наш пример, поминал речиси триесет години од својот живот занимавајќи се со обична, занаетчиска работа; но, за тоа време ги проучувал Божјата Реч и Божјите дела; и им помагал и ги подучувал сите до кои можело да допре неговото влијание. Кога ја започнал својата јавна служба, тргнал да лекува болни, да утешува ужалени и да им го проповеда Евангелието на сиромасите. Тоа е дело на сите негови следбеници. EdM 282.2
„Поголемиот меѓу вас” рекол Тој, „да биде како најмалиот, а старешината, како служител. Зашто.. Јас сум меѓу вас како служител” (Лука 22,26.27). EdM 282.3
Изворот на секоја вистинска служба е во љубовта и верноста кон Христа. Кога срцето е трогнато од неговата љубов, во него се јавува желба да работи за него. Оваа желба треба да се охрабрува и правилно да се насочува. Присуството на сиромасите, ужалените, неуките или несреќните не треба да се смета за пречка ниту во домот, ниту во соседството или училиштето, туку за скапоцена можност за служба. EdM 282.4
Во таа работа, како и во секоја друга, вештината се стекнува со практична работа. Преку увежбување во обичните животни должности и преку служење на неволните и страдните умешноста се зголемува. Без тоа и најдобронамерните напори често пати се бесполезни па дури и штетни. Токму во водата, а не на суво, луѓето се учат да пливаат. EdM 283.1
Друга должност која мошне често не се сфаќа сериозно — должност која мора да им се објасни на младите кога ќе почнат да ги разбираат Христовите барања — е должноста да се сродат со Црквата. EdM 283.2
Мошне е тесна и света врската меѓу Христа и неговата Црква — Тој е младоженец, а Црквата невеста; Тој е глава, а Црквата тело. Врската со Христа, според тоа, вклучува и врска со неговата Црква. EdM 283.3
Црквата е организирана да служи; и во животот кој е посветен на службата за Христа, врската со Црквата е еден од првите чекори. Преданоста на Христа бара верно исполнување на должностите во Црквата. Тоа е важен дел од образованието; и во Црквата која е вдахната со животот на Учителот, тоа директно ќе поттикне на работа за светот надвор од Црквата. EdM 283.4
Има многу подрачја кои на младите им даваат можност за полезна работа. Тие треба да се организираат во групи за христијанска служба, и заедничката работа ќе стане помош и охрабрување. Родителите и наставниците, со своето учество во работата на младите, ќе најдат можност да им бидат од полза со своето богато искуство и да им помогнат нивните напори да бидат плодоносни. EdM 283.5
Запознавањето буди сочувство, а сочувството е извор на успешната служба. За да разбудиме кај децата и младите сочувство и дух на пожртвуваност кон страдните милиони во далечните краишта, треба да ги запознаеме со тие земји и нивните народи. Во тој поглед може да се стори многу во нашите училишта. Наместо да се занимаваат со освојувањата на Александар и Наполеон во минатото, учениците треба да ги проучуваат животите на луѓе како што се апостол Павле и Мартин Лутер, Мофат и Ливингстон и Кери, како и она што сега се случува на подрачјето на евангелската работа. Наместо да ја оптоваруваат својата меморија со низа од имиња и теории кои немаат никакво влијание врз нивниот живот и на кои, кога ќе излезат од училиштето, многу ретко ќе помислуваат, треба да ги проучуваат земјите во светлината на евангелските напори и да се запознаат со народите и нивните потреби. EdM 284.1
Во оваа завршна работа на проповедање на Евангелието пред нас е непрегледно поле кое треба да се обработи; и повеќе од било кога порано, делото мора да придобие помагатели од редовите на обичните луѓе. И младите и старите ќе бидат повикани од полињата, од лозјата и работилниците, и Учителот ќе ги испрати да ја објават неговата вест. Мнозина помеѓу нив имале малку можности за образование; но Христос во нив гледа особини кои ги оспособуваат да ја исполнат неговата намера. Ако тие од срце се впрегнат на работа и продолжат да учат, Тој ќе ги оспособи да работат за него. EdM 284.2
Оној кој ја ги познава длабочината на бедата и очајот во светот, знае со кои средства може да се донесе избавување. Тој на сите страни гледа души во темнина, наведнати под товарот на грев, тага и болка. Но, Тој ги гледа и нивните можности; Тој ги гледа и височините до кои можат да стасаат. Иако човечките суштества ја злоупотребиле неговата милост, залудно ги потрошиле своите таленти и го загубиле достоинството на природата слична на Божјата, Создателот треба да се прослави со нивното откупување. EdM 284.3
Товарот на работата за оние на кои им е потребна помош во зафрлените краишта на светот, Христос го полага врз оние кои сочувствуваат со неуките и заталканите. Тој ќе биде присутен да им помогне на оние чии срца се исполнети со сочувство, иако нивните раце можеби се груби и неумешни. Тој ќе работи преку оние кои можат да видат благослов во бедата, и добивка во загубата. Кога ќе нё осветли Светлината на светот, ќе гледаме предимство во тешкотијата, ред во хаосот и успех во привидниот пораз. Неволјите ќе се покажат како прикриен благослов, а страдањата како милост. Христовите соработници од редовите на обичните луѓе, кои учествуваат во жалостите на своите ближни како што нивниот Учител учествувал во жалостите на целиот човечки род, со вера ќе гледаат дека Тој работи со нив. EdM 285.1
„Големиот Господов ден е близу! Близу е и доаѓа брзо” (Софонија 1,14). А светот треба да биде предупреден. EdM 285.2
Илјадници млади, но и постари би требале, подготвувајќи се најдобро што можат, да се посветат на оваа работа. Веќе многу срца се одѕиваат на повикот на големиот Учител, и нивниот број ќе се зголемува. Секој христијански воспитувач треба да покаже симпатија кон таквите работници и да им помогне. Треба да ги охрабри младите кои му се доверени и да им помогне во подготовката да стапат во редовите на оние кои ќе го предупредат светот. EdM 285.3
Не постои друга гранка во Делото во која на младите би им било овозможено да примат поголеми благослови. Сите кои учествуваат во проповедањето се Божји помошници. Тие се соработници на ангелите; всушност, тоа се човечки орудија преку кои ангелите ја извршуваат својата мисија. Ангелите говорат преку нивниот глас и работат со нивните раце. Човечките суштества, соработувајќи со небесните сили, го уживаат благословот на нивното образование и искуство. Која универзитетска настава може да се мери со тоа како средство за образование? EdM 285.4
Со таква војска правилно извежбани работници каква што би можела да биде нашата младина, колку бргу би можела да му се однесе на светот веста за распнатиот и воскреснат Спасител кој наскоро ќе дојде! Колку бргу би можел да дојде крајот — крајот на страдањата и жалостите и гревот! Колку бргу наместо земски имоти, обележани со грев и болка, нашите деца би можеле да го примат своето наследство онаму каде што „Праведните ќе ја наследат Земјата и ќе живеат довека на неа” каде што „ниеден жител нема да рече: ‘болен сум” и каде „веќе не ќе се чуе ни плач ни ридање” (Псалм 37,29; Исаија 33,24; 65,19). EdM 286.1