Воспитување

57/65

ВЕРА И МОЛИТВА

„Верата е тврда увереност во она на кое се надеваме.” „Верувајте дека го примивте, и ќе ви биде.”
Евреите 11,1; Марко 11,24

Верата е доверба во Бога — верување дека Тој нё сака и дека знае што е најдобро за нас. На тој начин, таа нё наведува наместо својот, да го избереме неговиот пат. Наместо нашето незнаење, таа ја прифаќа неговата мудрост; наместо нашата слабост, неговата сила; наместо нашата грешност, неговата праведност. Нашиот живот, ние самите, сето тоа веќе е негово; верата го признава неговото право на сопственост и ги прифаќа благословите што тоа ги донесува. Вистината, чесноста, непорочноста, се истакнати како дел од тајната на успехот во животот. И токму верата нё вдахнува со овие принципи. EdM 267.1

Секоја добра побуда или стремеж е дар од Бога; верата прима од Бога живот, кој единствен може да доведе до вистински раст и напредок. EdM 267.2

Мора прецизно да се објасни како се зајакнува верата. Секое Божјо ветување е поврзано со услови. Сета негова сила ни стои на располагање ако сакаме да ја извршуваме неговата волја. Секој дар што Тој го ветува е содржан во самото ветување. „Семето е Божјото Слово” (Лука 8,11). Како што е сигурно дека дабот е во желадот, така е сигурно и дека Божјиот дар е во неговото ветување. Ако го примиме ветувањето, го имаме и дарот. EdM 268.1

Верата што нё оспособува да ги примаме Божјите дарови, и самата е дар, кој во извесна мера е всаден во секое човечко суштество. Таа расте кога се вежба во примањето на Божјата Реч. За да ја зајакнеме верата, мораме често да ја доведуваме во допир со Речта. EdM 268.2

При проучувањето на Библијата, на ученикот треба да му се помогне да ја сфати силата на Божјата Реч. При создавањето, „Тој рече - и сё настана; нареди - и сё создадоа.” Тој „го повикува она што не е како она што е” (Псалм 33,9). EdM 268.3

Колку пати оние кои ў верувале на Божјата Реч, иако самите по себе сосема беспомошни, ў се спротивставиле на силата на целиот свет — Енох, непорочен во срцето, свет во животот, држејќи се цврсто за својата вера во победата на праведноста наспроти расипаната генерација која му се потсмевала; Ное и неговиот дом наспроти луѓето од нивното време, луѓе со најголема физичка и ментална сила и со најнизок морал; Израелевите деца кај Црвеното Море, беспомошното исплашено мноштво робови, наспроти најмоќната војска на најмоќниот народ на земјината топка; Давид, момчето овчар, на кое Бог му го ветил престолот, наспроти Саул, тогашниот владетел, решен да ја задржи својата власт; Седрах и неговите другари во огнот, а Навуходоносор на престолот; Даниел меѓу лавовите, неговите непријатели на високи положби во царството. Исус на крстот и еврејските свештеници и поглавари кои дури и римскиот намесник го принудуваат да ја исполни нивната волја; Павле окован со синџири, воден да умре со смрт на злосторник, Нерон, деспотски владетел на една светска империја. EdM 268.4

Вакви примери не се наоѓаат само во Библијата. Нив ги има многу во секој запис за напредокот на човештвото. Валденжаните и Хугенотите, Виклиф и Хус, Јероним и Лутер, Тиндал и Нокс, Цицендорф и Весли, и многу други сведочеле за силата на Божјата Реч наспроти човечката сила и политиката која го поддржува злото. Тие му припаѓаат на вистинското благородништво на светот. Тоа е неговата вистинска царска лоза. Денешната младина е повикана да го заземе своето место во таа лоза. EdM 269.1

Верата е исто толку потребна во малите како и во големите настани во животот. Ако имаме непоколеблива доверба во Бога, ќе ја уживаме неговата доверба во сите наши секојдневни занимања и работи. EdM 269.2

Од човечка гледна точка, животот за сите нас е неразгазена пат. Тоа е патека по која, што се однесува до нашите поважни искуства, секој мора да оди сам. Ниту едно друго човечко суштество не може потполно да проникне во нашиот внатрешен живот. Кога малото дете ќе тргне на ова патување на кое, порано или подоцна, мора само да ја одбере својата насока, само да одлучи за својата свечена судбина, колку искрени би требале да бидат напорите да го упатиме да му ја подари својата доверба на сигурниот Водич и Помошник! EdM 269.3

Ниту едно друго влијание, како штит против искушенијата и како поттик на непорочност и вистина, не може да се мери со свеста за Божјото присуство. „Туку сё е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе дадеме сметка.” „Твоите очи се пречисти за да гледаат зло. Ти не можеш да ги гледаш беззаконијата” (Евреите 4,13; Авакум 1,13). Оваа помисла била штитот на Јосиф против расипаноста во Египет. Тој на заводничкото искушение одлучно му одговорил: „Како би можел да направам толку големо зло и да згрешам пред Бога?” (1. Мојсеева 39,9). Верата, ако се негува, ќе ў даде таков штит на секоја душа. EdM 269.4

Единствено свеста за Божјото присуство може да го протера стравот кој на плашливото дете од животот би му направил товар. Тоа во својот ум треба да го вреже ветувањето: „Господов ангел се настанува околу оние, што се бојат од Него и ги избавува” (Псалм 34,7). Нека го чита прекрасниот извештај за Елисеј и планинскиот град, каде моќен круг небесни ангели стоел меѓу него и вооружените непријателски чети. Нека чита како пред Петар, во затвор и осуден на смрт се појавил ангел Божји; како го провел Божјиот слуга во сигурност, покрај вооружените стражари, низ масивните врати и големата железна порта со клучеви и синџири. Нека чита за сцената на морето кога затвореникот Павле, на својот пат кон судот и губилиштето, им се обратил на војниците и морнарите камшикувани од бурата, измачени од работа, неспиење и долг пост, и ги изговорил оние големи зборови полни со охрабрување и надеж: „бидете бодри… зашто ангел од Бога, кому му припаѓам и кому му служам, застана до мене ноќеска, и рече: ‘Не бој се, Павле! Ти треба да дојдеш пред ќесарот, и еве, Бог ти ги подарува сите, кои пловат со тебе’.” Со вера во ова ветување Павле ги уверувал своите сопатници: „На ниеден од вас нема да му пропадне ни влакно од главата.” Така и било. Затоа што во бродот се наоѓал еден човек преку кој Бог можел да делува, сите незнабожечки војници и морнари биле сочувани. „И така стана - сите се спасија на копното” (Дела 27,22-24; 34,44). EdM 270.1

Сето ова не е запишано за ние да можеме само да го читаме и да се восхитуваме, туку за истата вера која делувала во Божјите слуги во дамнешни времиња, да може да делува и во нас. Бог и сега ќе делува исто толку силно како и некогаш, секаде каде што ќе се најдат верни срца да бидат канали на неговата сила. EdM 271.1

Оние кои немаат доверба во себе, кои недостигот на самодоверба ги наведува да одбегнуваат грижи и одговорности, треба да бидат поучени да се потпрат на Бога. Така мнозина од оние кои инаку би биле само бројка во светот, можеби само беспомошно бреме за другите, ќе бидат способни заедно со Павле да речат: „Сё можам преку Христа кој ми дава сила” (Филипјаните 4,13) EdM 271.2

Верата овозможува скапоцени поуки за детето кое бргу се рагневува на повреда. Подготвеноста да му се спротивстави на злото или да се одмазди за неправдата често е предизвикана од длабоко чувство на праведност и активен, енергичен дух. Поучете го таквото дете дека Бог е вечен чувар на правдата. Тој нежно се грижи за созданијата кои толку многу ги љубел што го дал својот Најмил да ги спаси. Тој ќе се пресмета со секој злосторник. EdM 271.3

„Кој ве допира, Ми ја допира зеницата на окото” (Захарија 2,8). EdM 271.4

„Предај му ги на Господа своите патишта, надевај се на него и Тој ќе изврши сё. Твојата праведност ќе блесне како светлина, и твојот суд како пладне” (Псалм 37,5.6). EdM 271.5

„Господ е засолниште на угнетуваните, тврдина на спасението во тешки денови. Во Тебе се надеваат оние, кои го знаат Твоето Име, зашто не ги оставаш оние, кои Те бараат Господи” (Псалм 9,9.10). EdM 271.6

Бог бара и ние кон другите да го покажеме истото сочувство што Тој го покажува кон нас. Раздразливите, вообразените и одмаздољубивите треба да се угледаат на Оној кој е кроток и понизен, кој е како јагне воден на колење, не одмаздувајќи се како нема овца пред оние што ја стрижат. Нека гледаат на Оној кого го прободоа нашите гревови и го обременија нашите болки и ќе научат да поднесуваат, да се воздржуваат и да простуваат. EdM 271.7

Со вера во Христа може да се отстрани секој недостаток во карактерот, да се исчисти секоја дамка, да се поправи секоја мана и да се развие секоја доблест. EdM 272.1

„Вие сте исполнети во Него” (Колошаните 2,10). EdM 272.2

Молитвата и верата се тесно поврзани, и треба заедно да се проучуваат. Молитвата со вера е божествена умешност; таа е умешност со која мора да завладее секој што сака неговото животно дело да биде успешно. Христос вели: „Сё што ќе побарате во молитва, верувајте дека го примивте, и ќе ви биде” (Марко 11,24). Тој објаснува дека нашата молба мора да биде во согласност со Божјата волја; ние мораме да го бараме она што Тој го ветил, и што и да примиме, тоа мора да биде употребено за да се исполни Неговата волја. Ако се исполнат условите, ќе се исполни и ветувањето. EdM 272.3

Ние смееме да бараме простување на гревовите, Свети Дух, природа слична на Христовата, мудрост и сила да работиме во Неговото дело, секој дар што Тој ни го ветил; потоа мораме да веруваме дека ќе примиме и да му заблагодариме на Бога што сме примиле. EdM 272.4

Не е потребно да бараме каков било надворешен доказ за благословот. Дарот се наоѓа во ветувањето, и ние треба да продолжиме да ја работиме нашата работа сигурни дека Бог може да го исполни она што го ветил и дека дарот, што веќе го имаме, ќе стане стварност кога ќе ни биде најпотребен. EdM 272.5

Да живееме така од секоја Божја Реч, значи да му го предадеме целиот свој живот. Тогаш постојано ќе ги чувствуваме сопствената беда и зависност, копнежот на срцето за Бога. Молитвата е неопходна; таа е живот на душата. Семејната молитва и јавната молитва имаат свое место, но, тајниот разговор со Бога всушност го одржува животот на душата. EdM 272.6

Токму на гората со Бога, Мојсеј ја здогледал сликата на онаа прекрасна зграда која требала да стане пребивалиште на Божјата слава. Токму на гората со Бога - на тајното место за молитва — и ние треба да размислуваме за божествениот славен идеал за човештвото. На тој начин ќе бидеме оспособени да ја обликуваме зградата на својот карактер така што на нас ќе може да се исполни Божјото ветување: „Ќе се населам во нив и ќе одам меѓу нив и ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат мој народ” (2. Коринќаните 6,16). EdM 273.1

И Исус во текот на својот земски живот примал мудрост и сила токму во часовите на тајна молитва. Младите треба да го следат Неговиот пример и да одделат тивки мигови во зората и самракот за разговор со својот Татко на небесата. И во текот на денот своите срца треба да ги издигнуваат кон Бога. На секој чекор од нашиот пат, Тој вели: „Зашто Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница; и ти велам: ‘Не бој се, Јас ти помогнам” (Исаија 41,13). Колкава свежина и сила, колкава радост и задоволство би се вселиле во нивниот живот кога нашите деца би ги научиле овие поуки во зората на нивната младост! EdM 273.2

__________

Тоа се поуки кои може да ги пренесе само оној што самиот ги научил. Учењата на Писмото немаат поголемо влијание врз младите само затоа што многу родители и учители тврдат дека ў веруваат на Божјата Реч, а со својот живот ја одрекуваат нејзината сила. Понекогаш, младите се наведени да ја почувствуваат силата на Речта. Тие согледуваат колку е скапоцена Христовата љубов. Тие ја гледаат убавината на неговиот карактер, можностите што ги нуди животот во неговата служба. Но, гледаат дека животот на оние кои велат дека ги почитуваат Божјите принципи е сосема поинаков. На колкумина со право можат да се применат зборовите што ги изговорил пророкот Езекил: EdM 273.3

„Синовите на твојот народ… си зборуваат еден на друг: „Ајде да чуеме какво слово дошло од Господа!’ И брзаат кон тебе како на народен собир; и Мојот народ седнува пред тебе и ги слуша твоите зборови, но не ги извршува; се насладува со нив устата, а нивното срце се вовлекува по нивната лакомост. И ете, ти си за нив како слатка песна отпеана со пријатен глас, со музика: ти ги слушаат зборовите, но не ги извршуваат” (Езекил 33,30-32). EdM 274.1

Да ў се пристапи на Библијата како на книга полна со добри морални поуки кои треба да се слушаат онолку колку што се во согласност со духот на времето и со нашата положба во светот е една работа, а нешто сосема друго е таа да се смета за она што навистина е — Реч на живиот Бог, Реч која е наш живот, Реч која треба да ги обликува нашите активности, нашите зборови и нашите мисли. Да се смета Божјата Реч за помала од тоа во што било, значи да се отфрли. Фактот што на ваков начин ја отфрлаат и оние кои велат дека веруваат во неа, е основна причина за скептицизмот и неверувањето меѓу младите. EdM 274.2

__________

Светот го зафаќа напнатост каква никогаш порано не можела да се види. Во задоволствата, трупањето пари, борбата за власт и самата борба за опстанок, со страотна сила го окупира телото, умот и душата. Среде ова разбеснето трчање, Бог проговара. Тој нё повикува да се повлечеме во самотија и да разговараме со Него. „Застанете и разберете дека Јас сум Бог” (Псалм 46,10). EdM 274.3

Мнозина, дури ни во миговите на молитва, не го примаат благословот на вистинската заедница со Бога. Тие премногу брзаат. Со брзи чекори минуваат низ кругот на Христовата возвишена присутност, запирајќи можеби само за миг во нејзините свети граници, но не за да чекаат совет. Тие немаат време да останат со Божествениот Учител, и заедно со своите товари, ў се враќаат на својата работа. EdM 275.1

Ваквите луѓе нема да можат да постигнат вистински успех сё додека не разберат во што е тајната на силата. Тие мораат да одвојат време да размислуваат, да се молат, да очекуваат од Бога обновување на својата физичка, ментална и духовна сила. Ним им е потребно закрепнувачкото влијание на Божјиот Дух. Кога ќе го примат, ќе бидат проткаени со нов живот. Изнемоштеното тело и изморениот мозок ќе бидат освежени, а обременетото срце ќе биде одморено. EdM 275.2

Наша потреба не е кусо застанување во негова близина, туку лична врска со Христа, а дружењето со него е наша потреба. Колку би биле среќни децата во нашите домови и учениците во нашите училишта кога родителите и наставниците во својот живот би се здобиле со драгоценото искуство опишано во зборовите од Песната над песните: EdM 275.3

„Што е јаболкницата сред горските дрвја,
тоа е мојот возљубен меѓу младите.
Сакам да седам во нејзината сенка;
а нејзините плодови му се слатки во моето грло.
Ме воведе во куќата за гозба
и знамете негово над мене беше љубов.”
EdM 275.4

Песна над песните 2,3.4