Воспитување
ВОСПИТУВАЊЕТО НА ИЗРАЕЛЦИТЕ
„Самиот Господ го водеше него; Го воспитуваше и го чуваше како зеница на Своето око.”
5. Мојсеева 32,12.10
Семејството било во центарот на системот на воспитување кој е воспоставен во Едем. Адам бил „Син Божји” (Лука 3,38), и децата на Севишниот ги примале поуките токму од својот Отец. Нивното училиште било, во најпотполна смисла на зборот, семејно училиште. EdM 28.1
Во божествениот план на воспитување, прилагоден на состојбата на човекот по падот, Христос стои како претставник на Отецот, како алка која ги поврзува Бога и Човекот; Тој е големиот Учител на човештвото. И Тој одредил мажите и жените да бидат Негови претставници. Семејството било училиште, а родителите биле учители. EdM 28.2
Во времето на патријарсите воспитувањето претежно се добивало во семејството. Во така формираните училишта Бог обезбедил најповолни услови за развивање на карактерот. Луѓето, кои Тој ги водел, сё уште живееле онака како што Тој одредил во почетокот. Оние кои се оддалечиле од Бога си граделе градови, се собирале во нив, уживале во сјајот, раскошот и пороците, кои и од денешните градови прават гордост и проклетство на светот. Но, луѓето кои цврсто се држеле за Божјите принципи на животот престојувале во полиња и на ритчиња. Тие обработувале земја и одгледувале крупен и ситен добиток, и во тој слободен и независен живот, кој им давал можности за работа, проучување и размислување, учеле од Бога и ги поучувале своите деца на Неговите принципи и патишта. EdM 28.3
Тој метод на воспитување Бог сакал да го воспостави кај Израелците. Но, по излегувањето од Египет, малку Израелци биле подготвени да соработуваат со Бога во воспитувањето на своите деца. И на самите родители им било потребно воспитување и дисциплина. Како жртви на долгогодишно робување, тие биле незнајковци, невоспитани и изопачени. Имале малку знаење за Бога и малку вера во Него. Биле збунети од лажното учење и расипани од долгиот допир со незнабоштвото. Бог сакал да ги издигне на повисоко морално ниво, и затоа настојувал да им помогне да Го запознаат. EdM 29.1
Со Своето постапување кон патниците во пустината, во текот на целото нивно талкање, во нивната изложеност на глад, жед, замор и опасности од незнабожечките непријатели, избавувајќи ги со Своето провидение, Бог настојувал да ја зајакне нивната вера со покажување на силата која секогаш дејствувала за нивно добро. Учејќи ги да веруваат во Неговата љубов и моќ, Тој сакал да го стави пред нив, преку прописите на својот Закон, идеалот на карактерот што сакал тие да го постигнат преку Негова благодат. EdM 29.2
За време на својот престој под Синај, Израелците примиле скапоцени поуки. Тоа бил период на посебна подготовка за наследувањето на Ханан. И нивното опкружување било погодно за исполнување на Божјата замисла. На врвот на Синај, над рамнината во која народот ги подигнал своите шатори, почивал столб од облак кој ги водел по патот. Ноќе тоа бил столб од оган кој им обезбедувал божествена заштита; додека спиеле, небесен леб тивко паѓал на логорот. Од сите страни силните, карпести врвови со својата свечена големина зборувале за вечното постоење и величество. Човекот морал да го почувствува своето незнаење и својата слабост во присуство на Оној кој „ги измерил планините на мерилка, а бреговите на тежилка” (Исаија 40,12). Тука, покажувајќи ја својата слава, Бог настојувал да ја втисне кај Израелците свеста за светоста на неговиот карактер и барања, како и за неизмерната тежина на престапот. EdM 30.1
Но, народот бавно ја сфаќал поуката. Навикнати на материјално претставување на Божеството во Египет, со кое тие, во најголема мера, биле лишени од честа, тешко можеле да го сфатат постоењето и карактерот на Невидливиот. Од сожалување кон нивната слабост, Бог им дал симбол на своето присуство: „Нека ми изградат светилиште” рекол Тој, „За да можам да престојувам меѓу нив” (2. Мојсеева 25,8). EdM 30.2
При градењето на светилиштето како Божјо престојувалиште, на Мојсеј му било наредено да ги направи сите работи според небесниот пример. Бог го повикал на планината, му ги покажал небесните работи, и Светилиштето и сё што му припаѓало било направено според тој концепт. EdM 30.3
Така Бог му го открил својот славен идеал за карактерот на израелскиот народ, во чија средина сакал да престојува. Кога Законот бил објавен од Синај и кога Господ поминал пред Мојсеј велејќи: „Господ, Господ Бог, дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, кој изобилува со добрина и вистина” (2. Мојсеева 34,6) им бил покажан пример за тоа. EdM 30.4
Но, тие биле немоќни самите да го досегнат тој идеал. Откровението на Синај можело само да ги увери во нивната беда и беспомошност. Светилиштето со својата служба на жртвување требало да им даде друга поука — поука за простување на гревовите, и за послушност за живот, која се добива во Спасителот. EdM 31.1
Во Христа требала да се оствари замислата што ја симболизирало Светилиштето — таа славна градба, со ѕидови од блескаво злато на кои во боите на виножитото се рефлектирале завесите со извезени херувими, со мирис на постојано запален темјан кој опфаќал сё, со свештеници облечени во чиста белина и со славата на Најсветиот во длабоката таинственост на Светињата над светињите, над престолот на милоста, помеѓу ликовите на наведнатите ангели кои се молат. Бог сакал Неговиот народ од сето тоа да ја чита замислата што Тој ја имал за човечката душа. Тоа била истата замисла која многу подоцна ја изразил апостол Павле кога вдахнат од Светиот Дух рекол: „Не знаете ли дека сте Божји храм и дека Божјиот Дух живее во вас? Ако некој го разруши Божјиот храм, Бог ќе го разруши него, зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие” (1. Коринќаните 3,16,17). EdM 31.2
Градењето на светилиштето претставувало предимство и чест за Израелците, но и голема одговорност. Народот кој штотуку излегол од ропство требал во пустината да подигне градба со недостижен сјај, за која бил потребен најскапоцен материјал и најголема уметничка умешност. Задачата изгледала мошне тешка. Но, Оној кој го дал планот за градење, исто така се обврзал дека ќе соработува со градителите. EdM 31.3
„Господ му рече на Мојсеја: ‘Гледај, јас го повикав по име Веселеила, Уриевиот син, од Оровото колено, од Јудиното племе. Го исполнив со Божјиот Дух, кој му даде умеење, разбирање и способност за секакви работи... уште го определив Елијав, Ахисамаховиот син од Дановото племе; ги надарив со вештина сите способни луѓе, за да можат да направат сё што ти заповедав’” (2. Мојсеева 31,1-6). EdM 32.1
Какво ли занаетчиско училиште во пустината, училиште кое за наставници ги има Христа и неговите ангели! EdM 32.2
Во изработката на Светилиштето и неговото опремување требало да соработува целиот народ. Тука имало работа и за мозокот и за рацете. Бил потребен најразновиден материјал, и сите биле повикани да принесат дарови според волјата на своето срце. EdM 32.3
Така Израелците биле поучувани со работа и давање да соработуваат со Бога и меѓусебно. Тие требале да соработуваат и во изработката на духовната градба — Божјиот храм во душата. EdM 32.4
Уште од самиот почеток на патувањето од Египет тие примале поуки за воспитувањето и дисциплината. Дури и пред да го напуштат Египет, била воспоставена привремена организација; народот бил поделен во чети на кои им биле поставени водачи. Кај Синај било довршено делото на организација. Редот кој така впечатливо се открива во сите Божји дела, дошол до израз и во еврејското уредување. Бог бил центар на власта и управувањето. Мојсеј, како Негов претставник, требал во Негово име да ги применува законите. Потоа следувал советот на седумдесеттемина, па свештениците и кнезовите, а под нив, илјаданачалници, стоначалници, педесетначалници и десетначалници (4. Мојсеева 11,16.17; 5. Мојсеева 1,15) и, конечно, службениците одредени за посебни должности. Логорот бил грижливо уреден, во средината се наоѓало Светилиштето, Божјото престојувалиште, а околу него шаторите на свештениците и Левитите. Надвор од овој круг секое племе логорувало под своето знаме. EdM 32.5
На сила биле и исклучително строги санитарни мерки. Тие му биле пропишани на народот не само од здравствени причини, туку и како услов за светиот Бог да биде присутен во нивната средина. Мојсеј, со божествен авторитет, им објавил: „Господ, твојот Бог, оди низ средината на твојот логор за да те штити... затоа твојот логор треба да биде свет” (5. Мојсеева 23,14). EdM 33.1
Воспитувањето на Израелците ги опфаќало сите нивни навики. Сё што се однесувало на нивната благосостојба било предмет на божествената грижа и имало свое место во божествениот закон. Грижејќи се дури и за нивната храна, Бог го имал предвид нивното највисоко добро. Маната, со која ги хранел во пустината, имала својства кои ги развивале телесната, душевната и моралната сила. Иако мнозина се побуниле поради ограничувањата во својата исхрана и копнееле да се вратат во деновите кога, како што велеле: „седевме покрај грнци со месо и јадевме леб до насит” (2. Мојсеева 16,3), сепак Божјата мудрост со која го одбирал она што ќе им го даде, била потврдена на начин на кој не можеле да му приговорат. Покрај тешкотиите на животот во пустината, во сите нивни племиња немало ниту еден изнемоштен. EdM 33.2
На сите нивни патувања, ковчегот во кој се наоѓал Божјиот закон требал да оди напред. Местото на кое требале да кампуваат им било покажувано со спуштање на столбот од облак. Додека облакот почивал над Светилиштето, народот останувал во кампот. Кога се кревал, народот го продолжувал патувањето. Мигот на задржувањето како и мигот на тргнувањето бил означен со свечено повикување кон Бога: „Кога тргнуваше ковчегот, Мојсеј велеше: ‘Стани, Господи, и нека се распрснат Твоите непријатели... А кога застануваше, велеше: Врати се, о, Господи, кон Израилевите илјади и десетиците илјади’” (4. Мојсеева 10,35.36). EdM 33.3
Додека народот патувал низ пустината, многу скапоцени поуки биле врежани во нивниот ум со помош на песна. По избавувањето од војската на фараонот, сето мноштво Израелци се обединило во победничка песна. Далеку преку пустината и морето одекнувал радосниот припев, и ридовите одекнувале од восклици на благодарност: „Запејте му на Господа, зашто триумфираше славно” (2. Мојсеева 15,21). Оваа песна била често повторувана во текот на патувањето, развеселувајќи ги срцата и разгорувајќи ја верата на патниците-аџии. Заповедите, кои биле објавени од Синај, заедно со ветувањата за Божјата наклонетост и известувањата за неговите прекрасни дела наменети за нивно избавување биле, според Божјото упатство, изразени во песна и пеени со звуци на инструменти, а притоа народот чекорел обединувајќи ги своите гласови во фалбени песни. EdM 34.1
Така нивните мисли биле издигнувани од неволјите и тешкотиите на патот, нивниот немирен и нескротен дух бил ублажуван и смируван, принципите на вистината им се всадувале во сеќавањето, а верата зајакнувала. Во таа заедничка активност се учеле на ред и единство, и биле доведени во потесна врска со Бога и едни со други. EdM 34.2
За Божјото постапување со Израелците во текот на 40-годишното талкање низ пустината, Мојсеј вели: „Господ, твојот Бог, те казнува и поправа како што чове- кот го воспитува својот син„; „За да те смири и испита, и да дознае што е во срцето твое, дали сакаш да ги држиш Неговите заповеди или, пак, не” (5. Мојсеева 8,5.2). EdM 34.3
„Тој го најде во пустината, во земја дива и пуста. Го опкружи, го воспитуваше, и го чуваше како зеницата на Своето око. Како орелот што бдее над гнездото, треперејќи над своите орлиња, така Тој шири крилја, го зема, па го носи на Своите перја, така Господ Сам ги водеше нив, и немаше со Него туѓ бог” (5. Мојсеева 32,10-12). EdM 35.1
„Тогаш се сети за Своето ветување, што му го даде на Својот слуга Авраам. Го изведе Својот народ со воскликнување и со веселба Своите избрани. И им ја даде многубожечката земја, го наследија трудот на народите, за да ги чуваат Неговите повелби и да ги пазат Неговите закони” (Псалм 109,42-45). EdM 35.2
Бог на Израелците им ги дал сите можности, им ги дал сите предимства за да можат да служат во чест на Божјото име и да бидат на благослов на соседните народи. Тој им ветил дека ќе ги „возвиши со чест, со име и со слава над сите народи” ако одат по патот на послушноста. „Сите народи на Земјата”, вели Бог, „ќе слушнат дека се наречуваш со Господовото име, па ќе стравуваат од тебе„. Народите кои ќе чујат за сите овие закони, ќе речат: „само еден народ е мудар и умен, а тоа е овој голем народ” (5. Мојсеева 26,19; 28,10; 4,6). EdM 35.3
Законите, предадени на Израелците, содржеле јасни упатства за воспитувањето. Бог му се открил на Мојсеја на Синај како „Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, изобилен со добрина и вистина” (2. Мојсеева 34,6). Мајките и татковците Израелци требале своите деца да ги учат на овие принципи, отелотворени во Неговиот закон. Според божественото упатство, Мојсеј им објавил: „Овие зборови што денес ти ги заповедам, да бидат во срцето твое и душата твоја; напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш” (5. Мојсеева 6,6.7) EdM 35.4
Сето ова не смеело да се изнесува како некоја сува теорија. Оние кои им ја изнесуваат вистината на другите мораат и самите да живеат во согласност со нејзините принципи. Само доколку го одразуваат Божјиот карактер преку праведноста, благородноста и несебичноста на својот живот, ќе можат да влијаат на другите. EdM 36.1
Вистинското воспитување не е принудно поучување на неподготвен и неприемчив ум. Мораат да се разбудат менталните сили и да се поттикне интересот. Божјаот метод на поучување се погрижил за тоа. Оној кој го создал умот и му ги одредил законите, се погрижил и за неговото развивање во согласност со нив. Во домот и во светилиштето, преку природата и уметноста, на работа и богослужение, преку света градба и спомен-камен, со безбројни методи, обреди и симболи, Бог им давал поуки на Израелците кои ги илустрирале принципите и го чувале споменот за Неговите прекрасни дела. Кога некој поставувал прашање, дадената поука влијаела врз умот и срцето. EdM 36.2
Во мерките за воспитување на избраниот народ јасно е откриено дека живот во вистинска смисла на зборот може да има само оној кој Бога го поставил за средиште на својот живот. Кога Бог ќе всади некоја желба во срцето на човекот, Тој овозможува и нејзино задоволување; секоја способност што ја дава, Тој настојува и да ја развие. EdM 36.3
Зачетникот на сета убавина, и самиот љубител на убавото, Бог се потрудил и во своите деца да ја задоволи љубовта кон убавината. Тој се погрижил и за нивните општествени потреби, за пријатните и полезни општествени допири кои толку придонесуваат за развој на заемното разбирање и го прават животот поведар и попријатен. EdM 36.4
Прославите на Израелците исто така биле важно средство за воспитување. Во секојдневниот живот семејството било и училиште и црква, а родителите биле учители како на световно, така и верско подрачје. Но, три пати годишно било определено време за социјални активности и богослуженија. Овие состаноци се одржувале прво во Силом, а потоа во Ерусалим. Само од татковците и синовите се очекувало да бидат присутни; но никој не сакал да биде лишен од предимствата на празниците и, колку што тоа било можно, бил присутен целиот дом. Со нив биле странците, Левитите и сиромасите, уживајќи го нивното гостопримство. EdM 37.1
Патувањето во Ерусалим, на едноставен, патријархален начин, среде убавините на пролетта, богатствата на летото или созреаниот сјај на есента било задоволство. Сите, од старецот со побелена коса па до малото дете, доаѓале со своите дарови на благодарност да се сретнат со Бога во неговото свето живеалиште. Во текот на патувањето еврејските деца ги слушале искуствата од минатото, приказни кои и старите и младите и денес сё уште ги сакаат. Се пееле песните кои некогаш ги развеселувале срцата на патниците во пустината. Биле рецитирани и Божјите заповеди и тие, заедно со благотворните влијанија на природата и љубезното меѓусебно дружење, биле засекогаш врежани во сеќавањето на многу деца и млади. EdM 37.2
Обредите поврзани со пасхалната служба на кои им присуствувале во Ерусалим — ноќниот собир, луѓето подготвени за пат, со обувки на нозете и стап во рака, оброк набрзина, јагнето, бесквасниот леб и горчливи билки, во свечена тишина повторуваната приказна за попрскувањето со крв, за ангелот кој носел смрт и за големото излегување од земјата на ропството — сето тоа ја возбудувало мечтата и оставало впечаток на срцето. EdM 37.3
Празникот сеници, или свеченоста на жетвата, со донесувањето приноси од овоштарниците и полињата, со еднонеделниот престој во сеници од гранки и лисја, со дружбени состаноци, света спомен-служба, великодушно гостопримство кон Божјите работници, Левитите од светилиштето и Божјите деца, до странците и сиромашните — ги исполнувал сите срца со благодарност кон Оној кој ја „крунисал годината со својата добрина” и чии „патеки капат со изобилство” (Псалм 65,11). EdM 38.1
Побожниот Израелец на таков начин минувал речиси цел месец секоја година. Тоа бил период без грижи и работа, и, во вистинска смисла на зборот, речиси потполно посветен на воспитни цели. EdM 38.2
Со распределбата на наследството на својот народ, Бог сакал да го научи, а преку него и идните поколенија, на правилните принципи на сопственост над земјата. Хананската земја му била поделена на целиот народ, изземајќи ги единствено Левитите, како слуги на Светилиштето. Иако некој можел времено да го оттуѓи својот имот, сепак не можел да го загуби наследството на своите деца. Тој имал право да го откупи во секое време, штом ќе собере доволно средства; секоја седма година се бришеле долговите, а секоја педесетта, или јубилејна година, секој земјишен имот му се враќал на првичниот сопственик. Така имотот на секое семејство бил обезбеден и секој бил заштитен од претерано богатство или од крајна сиромаштија. EdM 38.3
Делејќи му ја земјата на народот, Бог им обезбедил, како и на жителите на Едем, занимање најпогодно за развој — грижа за растенијата и животните. Уште еден придонес за воспитувањето бил прекинот на земјоделската работа секоја седма година; земјата останувала да одмора, а она што ќе се родело само од себе им било препуштено на сиромасите. Така им била дадена можност за подлабоко проучување, за општествени врски и богослуженија, за дела на добродетел, што толку често се запоставувало поради животните грижи и обврски. EdM 38.4
Кога денес во светот би се применувале принципите на Божјиот закон за распределба на имотите, колку поинакви би биле околностите во кои живеат луѓето! Почитувањето на овие принципи би спречило страшни зла кои се појавувале во сите времиња затоа што богатите ги угнетувале сиромасите, а сиромасите ги мразеле богатите. Со тоа, од една страна, би било спречено натрупување големи богатства, а од друга страна, десетици илјади чиј труд бил потребен за да се натрупа тоа богатство би биле заштитени од незнаење и понижување. Тоа би придонело за мирно решение на проблемите кои денес се закануваат да го исполнат светот со анархија и крвопролевање. EdM 39.1
Посветувањето на десеттиот дел од сиот приход на Бога, било од овоштарникот или од жетвата, од крупниот или ситен добиток, од умствената или физичка работа, посветувањето на втор десеток за помош на сиромасите или некоја друга добротворна цел, имало за цел да го потсетува народот на вистината дека Бог е сопственик на сё и дека луѓето имаат предимство да бидат пренесувачи на неговите благослови. Со таквото воспитување се искоренувала секоја теснограда себичност, а се развивале широкоградост и благородност на карактерот. EdM 39.2
Познавањето на Бога, заедницата со него во проучувањето и работата, сличноста со него во карактерот, тоа требало да биде изворот, средството и целта на воспитувањето на Израелците — воспитување кое Бог им го дал на родителите за тие да им го дадат на своите деца. EdM 39.3