Воспитување

32/65

РАЗВИВАЊЕ НА УМОТ И ДУХОТ

„И преку знаење се полнат одаите со секакви благопријатни и скапоцени богатства”
Изреки 24,4

За умот и душата, исто како и за телото, важи Божјиот закон дека силата се добива со труд. Развојот се постигнува со вежбање. Во согласност со овој закон, Бог се погрижил да ни обезбеди средства за развивање на умот и духот во Својата Реч. EdM 122.1

Библијата ги содржи сите принципи коишто луѓето треба да ги разберат за да се оспособат и за овој и за животот што ќе дојде. Овие принципи сите можат да ги разберат. Ако некој го вреднува учењето на Библијата, нема да може да прочита ниту еден единствен стих од неа, а од него да не извлече некоја полезна мисла. Но, највредните поуки од Библијата не можат да се добијат со повремено или неповрзано проучување. Нејзиниот голем систем на вистини не е така прикажан та да го разбере некој забрзан или невнимателен читател. Многу нејзини богатства лежат длабоко под површината и можат да се најдат само со вредно истражување и долготраен труд. Вистините, кои ја сочинуваат големата целина, мораат да се истражуваат и собираат „малку тука, малку таму” (Исаија 28,10). EdM 122.2

Кога ќе се истражат и присоберат на ваков начин, ќе се покаже дека совршено си одговараат една на друга. Секое Евангелие ги надополнува другите, секое пророштво го објаснува другото, секоја вистина понатаму развива некоја друга вистина. Евангелието ги објаснува симболите на јудејскиот систем. Секој принцип во Божјата Реч има свое место, секој факт свое значење. А севкупната структура, и според нацртот и според изведбата, сведочи за својот Автор. Таквата структура не можел да ја замисли ниту да ја создаде ниту еден друг ум, освен умот на Бесконечниот. EdM 123.1

Истражувањето различни делови и проучувањето на нивните взаемни односи побарува интензивна работа на највисоките способности на човечкиот ум. Никој не може да се занимава со вакво проучување, а едновремено да не ги развива и своите умствени сили. EdM 123.2

Ползата што умот ја има од проучувањето на Библијата не е само во истражувањето на вистините и во нивното заемно поврзување. Веќе самиот труд вложен во разбирањето на изнесените теми е полезен. Умот кој се занимава само со секојдневни предмети отапува и ослабнува. Ако никогаш не се труди да ги разбере големите и далекусежни вистини, тој по некое време ќе ја загуби способноста да се развива. Како заштита од ова пропаѓање, и како поттик за развој, ништо не може да се мери со проучувањето на Божјата Реч. Како средство за вежбање на умот, Библијата е поуспешна од било која друга книга, или од сите други книги заедно. Возвишеноста на нејзините теми, достоинствената едноставност на нејзините изреки, убавината на нејзиното сликовито изразување ги оживува и воздигнува нашите мисли повеќе од било што. Никакво друго проучување не може на умот да му даде таква сила, како напорот да се разберат чудесните вистини на откровението. Умот кој на таков начин доаѓа во допир со мислите на Бесконечниот не може а да не се развива и јакне. EdM 123.3

Библијата има уште поголема сила во развивањето на духовната пирода. Човекот, создаден да живее во заедница со Бога, само во таква заедница може да се развива и да живее вистински живот. Создаден да ја најде својата највисока радост во Бога, тој во ништо друго не може да го најде она што би можело да го задоволи копнежот на срцето, што би можело да ја згасне онаа глад и жед на душата. Оној кој ја проучува Божјата Реч со искрено и отворено срце, стремејќи се да ги разбере нејзините вистини, ќе биде доведен во допир со нејзиниот Автор; и нема да постои граница на можностите на неговиот развој, освен ако тој самиот не се одлучи за спротивното. EdM 124.1

Со големата разноликост на своите стилови и теми, Библијата може да го заинтересира секој ум и да го поттикне секое срце. На нејзините страници може да се најде најстарата историја; најверодостојна биографија; принципи според кои власта треба да управува со државата, принципи за водење на домаќинството — принципи за кои човечката мудрост никогаш не дораснала. Таа ја содржи најдлабоката филозофија, најмилната и највозвишена, најчувствителна и најтрогателна поезија. Библиските списи се неспоредливо повредни од списите на кој било човек, дури и кога би се оценувале на таков начин; но, нивниот досег е бескрајно подалечен и нивната вредност бескрајно поголема ако ги набљудуваме имајќи ја предвид големата централна мисла. Набљудувана во светлината на оваа мисла, секоја тема добива ново значење. Во наједноставно изречените вистини се содржани принципи високи како небото, кои ја опфаќаат вечноста. EdM 124.2

Централната тема на Библијата, темата во која се соединуваат сите останати теми во целата книга, е планот на спасението, обновувањето на Божјиот лик во човековата душа. Од првото навестување на надежта, во осудата изречена во Едем до она последно славно ветување во Откровението: „И ќе го гледаат Неговото лице, и Неговото име ќе биде на нивните чела” (Откровение 22,4), водечката мисла на секоја книга и секој отсек во Библијата е постепеното објавување на таа чудесна тема — подигнувањето на човекот — објавувањето на силата на Бога „Кој ни даде победа преку нашиот Господ Исус Христос” (1. Коринќаните 15,57). EdM 125.1

Оној што ќе ја разбере оваа мисла пред себе има неограничено поле за проучување. Тој го има клучот кој ќе му го отвори целото сокровиште на Божјата Реч. EdM 125.2

Науката за спасението е наука над сите науки; тоа е наука што ја проучуваат ангелите и сите разумни суштества на безгрешните светови; наука која го плени вниманието на нашиот Господ и Спасител; наука која се наоѓа во центарот на планот создаден во умот на Бесконечниот — „тајната, за која се молчеше од вечни времиња” (Римјаните 16,25); наука што во текот на бескрајните векови ќе ја проучуваат оние коишто Бог ги избавил. Тоа е највозвишеното проучување со кое човекот може да се занимава. Тоа ќе го поттикне умот и ќе ја воздигне душата повеќе од кое било друго проучување. EdM 125.3

„Но предноста на знаењето е тоа што мудроста дава живот на оној што ја има”. „Зборовите што ви ги реков”, рекол Исус, „се дух и живот”. „А ова е вечниот живот: да Те познаат Тебе, единствениот вистински Бог, и Исуса Христа, кого си го испратил” (Проповедник 17,12; Јован 6,63; 17,3). EdM 125.4

Творечката сила, која ги создала световите, се наоѓа во Божјата Реч. Таа Реч дава сила; таа раѓа живот. Секоја заповед е и ветување. Прифатена со волјата, примена во душата, таа со себе го донесува животот на Бесконечниот. Таа ја преобразува природата и повторно ја создава душата според Божјиот лик. EdM 126.1

Животот даден на ваков начин, на истиот начин и се одржува. Човекот ќе живее „од секој збор, што излегува од устата на Бога” (Матеј 4,4). EdM 126.2

Умот, душата, се изградува со она со што се храни; врз нас е одговорноста да одлучиме со што ќе се храни. Секој има право да ги одбере темите со кои неговите мисли ќе се занимаваат и ќе го обликуваат неговиот карактер. Бог на секое човечко суштество кое има предимство да му пристапи на Писмото му вели: „Му напишав важни закони”. „Повикај ме, и ќе ти одговорам и ќе ти откријам големи и недостижни тајни за кои што не знаеш ништо” (Осија 8,12; Еремија 33,3). EdM 126.3

Со Божјата Реч во својата рака, секое човечко суштество, без оглед на тоа во каква положба животот го довел, може да го одбере друштвото што го сака. Со помош на нејзините страници тоа може да разговара со најблагородните и најдобри претставници на човечкиот род, може да го слуша гласот на Вечниот додека зборува со луѓето. Додека ги проучува темите во кои „ангелите сакаат да вникнат” (1. Петрово 1,12), и размислува за нив, тој може да биде со нив. Може да оди по стапките на небесниот Учител, и да ги слуша Неговите зборови како во времето кога Тој проповедал на ридот, во рамнината и на езерото. Во овој свет може да престојува во небесна атмосфера, давајќи им надеж на ужалените и искушуваните на Земјата, будејќи кај нив копнеж за светост, а при тоа самиот ќе доаѓа во сё потесна и потесна заедница со Невидливиот; и слично на оној кој во дамнешни времиња чекорел со Бога, ќе се приближува сё поблиску и поблиску до прагот на вечниот свет, сё додека вратите не се отворат и тој влезе внатре. Таму нема да се чувствува како странец. Гласовите што ќе го поздрават се гласови на светите кои биле негови невидливи другари на Земјата — гласови кои тој уште тука научил да ги препознава и да ги сака. Оној кој преку Божјата Реч живеел во заедница со Небото, ќе се чувствува пријатно во небесното друштво. EdM 126.4