Воспитување

23/65

БОГ ВО ПРИРОДАТА

„Неговата слава ги покрива небесата, и Земјата е полна со Неговите блага”
Авакум 3,3

На сё што е создадено се гледа отпечаток на Божеството. Природата сведочи за Бога. Приемчивиот ум, доведен во врска со чудесата и тајните на вселената, не може а да не го препознае делувањето на бесконечната сила. Земјата не ги дава своите добра ниту продолжува да се врти околу Сонцето од година во година благодарение на сопствената енергија. Една невидлива рака ги води планетите во нивното кружење по небото. Таинствениот живот е проткаен во целата природа — живот кој одржува безбројни светови во бесконечноста, кој живее и во најситниот инсект што се лелее на летното ветерче. кој ў дава брзина на ластовичката во лет и ги храни младите гаврани кога викаат, кој ја претвора пупката во цвет, а цветот во плод. EdM 96.1

Истата сила што ја одржува природата делува и во човекот. Истите големи закони кои ги водат и ѕвездата и атомот го надгледуваат и човековиот живот. Законите кои управуваат со работата на срцето подесувајќи го протокот на струјата на животот според законите на телото, се закони на моќниот Ум кој има власт над душата. Од Него произлегува целиот живот. Само во согласност со Него може да се утврди вистинското подрачје на активноста на животот. На сите суштества, што ги создал, им е поставен истиот услов — да се одржува животот со примање од Бога и да се води во согласност со волјата на Создателот. Прекршувањето на Неговиот физички, морален или ментален закон, значи издвојување од хармонијата со вселената, внесување несклад, анархија, пропаст. EdM 96.2

За оној што ќе научи вака да ги толкува нејзините учења, целата природа станува јасна; светот е учебник, а животот училиште. Единството на човекот со природата и со Бога, општата задолжителност на законите, последиците од престапот, неминовно влијание врз умот и го обликуваат карактерот. EdM 97.1

Тоа се поуките што нашите деца треба да ги научат. За малото дете, кое сё уште не е способно да учи од печатениот збор или да се вклучи во редовниот тек на училишната настава, природата претставува неисцрпен извор на поука и уживање. Срцето кое сё уште не отврднало во допирот со злото бргу ја препознава присутноста на Оној кој проткајува сё што е создадено. Увото кое сё уште не е задушено од бучавата на светот внимава на Гласот кој зборува преку гласовите на природата. А за оние во постари години, на кои им се постојано потребни нејзините неми потсетници на духовното и вечното, поуките на природата ќе бидат не помал извор на уживање и знаење. Како што жителите на Едем учеле од страниците на природата, како што Мојсеј го препознал Божјиот ракопис врз арапските долини и ридови, а детето Исус на падините на ритчињата на Назарет, така и денешните деца можат да учат за Севишниот. Невидливото е претставено со она што е видливо. На сё што е на Земјата, од највисокото стебло во шумата до лишаите прилепени до карпата, од бескрајниот океан до најмалата школка на брегот, можат да се видат сликата и потписот Божји. EdM 97.2

Колку што е тоа можно, детето треба од своите најрани години да престојува онаму каде што овој прекрасен учебник ќе биде отворен пред него. Нека ги гледа прекрасните слики што големиот Уметник ги насликал на мобилното небесно платно, нека се запознае со чудесата на земјата и морето, нека ги набљудува таинствените промени во текот на менувањето на годишните времиња и од сите Негови дела нека учи за Создателот. EdM 98.1

На ниту еден друг начин темелите на вистинското воспитување не можат да се постават толку цврсто и сигурно. Но, дури и детето, кога ќе дојде во допир со природата, забележува појави што го збунуваат. Тоа неизбежно ќе го забележи дејствувањето на соперничките сили. И токму тука на природата ў е потребен толкувач. Гледајќи како злото се покажува дури и во светот на природата, сите мораат да ја научат истата жална поука — „Човек непријател го направи тоа” (Матеј 13,28). EdM 98.2

Поуките на природата можат правилно да се прочитаат само во светлината што сјае од Голгота. Нека низ историјата на Витлеем и на крстот биде покажано дека доброто ќе го надвладее злото и дека секој благослов што го примаме е дар на откупувањето. EdM 98.3

Злото кое расипува и уништува е претставено со боцки и трн, со плевел и троскот. Во птицата што пее и цветот кој се отвора, во дождот и сјајот на сонцето, во летното ветерче и нежната роса, во десетици илјади нешта во природата, од дабот во шумата до темјанушката што цути при неговиот корен, се гледа љубов која обновува. И природата сё уште ни зборува за Божјата добрина. EdM 98.4

„Зашто Јас ги знам Своите замисли, за тоа што имам намера со вас - зборува Господ - замисли за мир, а не за несреќа” (Еремија 29,11). Тоа е поуката која во светлината од крстот може да се чита на целото лице на природата. Небесата ја објавуваат славата Негова и Земјата е полна од Неговите блага. EdM 99.1