Воспитување

17/65

УЧИТЕЛ ДОЈДЕН ОД БОГА

„Помислете, пак, на Оној”
Евреите 12,3

„И ќе Го наречат: Советник, Прекрасен, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот” (Исаија 9,6). EdM 70.1

Учителот испратен од Бога, бил најголемиот и најдобар дар кој Небото можело да им го даде на луѓето. Оној, кој стоел во советите на Највисокиот, кој престојувал во најскриеното светилиште на Вечниот, бил избран лично да му го открие знаењето за Бога на човештвото. EdM 70.2

Преку Христа нё осветлил секој зрак на божествената светлина што кога и да е го досегнал нашиот грешен свет. Тој бил Оној што во сите векови зборувал преку сите кои на луѓето им ја објавувале Божјата Реч. Сите доблести на најголемите и најблагородни луѓе на Земјата биле само Негов одраз. Непорочноста и добрототворноста на Јосиф, верата, кротоста и долготрпеливоста на Мојсеј, цврстината на Елисеј, благородната чесност и постојаност на Даниел, ревноста и пожртвуваноста на Павле, умната и духовната сила која се покажала во сите овие луѓе, а и во сите други што некогаш живееле на Земјата — се само одблесоци од сјајот на Неговата слава. Тој е совршениот идеал. EdM 70.3

За да го открие тој идеал како единствено вистинско мерило на она што е постигнато; за да покаже што сё човечкото суштество може да стане, што ќе станат сите кои ќе го примат преку престојувањето на божественото во човечкото — Христос дошол на овој свет. Тој дошол да покаже како луѓето треба да бидат воспитувани — како што им доликува на Божјите синови; како тие треба да ги применуваат небесните принципи на Земјата и да живеат со небесен живот. EdM 71.1

Бог го дал својот највозвишен дар за да ја задоволи најголемата потреба на човекот. Светлината се појавила тогаш кога темнината во светот била најгуста. Лажното учење веќе долго време го одвојувало човечкиот ум од Бога. Во општо прифатените воспитни системи, човечката филозофија го заменила божественото откровение. Наместо мерилата на вистината дадени од Небото, луѓето си прифатиле мерило кое самите си го поставиле. Се одвратиле од светлината на животот, за да чекорат според светлина на светило што сами го запалиле. EdM 71.2

Одвоени од Бога, потпрени само врз човечка сила, тие својата сила ја претвориле во слабост. Не можеле да го достигнат дури ни примерот што сами си го поставиле. Недостигот на вистинска доблест е надополнет со обличје и лажно исповедање на верата. Привидноста го зазела местото на стварноста. EdM 71.3

Од време на време се појавувале учители кои ги упатувале луѓето кон Изворот на вистината. Тие ги објавувале вистинските принципи, а животот на луѓето сведочел за нивната сила. Но, тие напори немале потрајно влијание. Струјата на злото за миг била забавена, но не било запрено нејзиното надолно течение. Реформаторите биле како светла што светат во темнина, но не можеле да ја изгонат. На светот му омиле повеќе „мракот отколку светлината” (Јован 3,19). EdM 71.4

Кога Христос дошол на Земјата, се чинело дека човештвото бргу се приближува кон својата најниска точка. Самите темели на општеството биле поткопани. Животот ја загубил својата содржина и станал извештачен. Лишени од силата на Божјата Реч, Евреите на светот му пренеле традиции и шпекулации кои го затапуваат умот и ја умртвуваат душата. Обожавањето на Бога со „Дух и со вистина” било заменето со величање на луѓе преку бескрајно повторување на обреди пропишани од луѓето. Насекаде во светот сите религиски системи го губеле влијанието врз умот и душата. Исполнети со одвратност кон измислиците и лагите, не сакајќи да размислуваат, луѓето се свртеле кон неверство и материјализам. Исклучувајќи ја вечноста од своите мисли, тие живееле само за сегашноста. EdM 72.1

Кога престанале да го признаваат она што е боженствено, луѓето престанале да го почитуваат и човечкото. Вистината, честа, чесноста, довербата, сочувството исчезнувале од Земјата. Бездушната алчност и преокупираност со амбиции довеле до сеопшта недоверба. Поимот за должност, за обврската на силниот кон слабиот, за човечкото достоинство и за правата на човекот, е потиснат на страна како фикс идеја или бесмислица. Обичните луѓе се сметани како добиток за влеча, орудие и отскочна даска за славољубивите. Почнале да се стремат кон богатство и моќ, кон удобност и угодување на своите тенденции како кон највисоко добро. Обележје на тоа време биле физичка дегенерација, душевна затапеност и духовна умртвеност. EdM 72.2

Додека злите страсти и намери го изгониле Бога од мислите на луѓето, заборавот на него сё повеќе ги приклонувал кон злото. Срцето кое го љуби гревот му ги припишува на Бога своите сопствени особини и таквото сфаќање ја зголемува силата на гревот. Наклонети да си удоволуваат на себеси, луѓето дошле до таму што го сметаат Бога за сличен на нив — Суштество кое сака да се прослави себеси, чии барања се прилагодени кон она што нему му се допаѓа; Суштество кое луѓето ги подигнува или соборува според тоа дали им помагаат или одмагаат на неговите себични намери. Пониските слоеви сметале дека врвното Битие одвај се разликува од нивните угнетувачи, освен што ги надминува со силата. Овие претстави имале влијание врз формирањето на сите облици на религијата. Секој од нив претставувал систем на даноци. Со дарови и обреди, верниците настојувале да го смилуваат божеството за да ја обезбедат неговата наклонетост за остварување на своите цели. Таквата религија, без какво и да е влијание врз срцето и совеста, не можела да биде ништо друго отколку низа форми што ги заморувале луѓето и од кои тие, кога од нив не би очекувале полза, со задоволство би се ослободиле. Незадржувано, злото сё повеќе растело, додека вредноста на доброто и стремежот кон него опаѓале. Луѓето го загубиле Божјиот лик и го добиле жигот на демонската сила која управувала со нив. Целиот свет се претворал во мочуриште на расипаност. EdM 73.1

За човечкиот род постоела само една надеж - да се стави нов квасец во таа маса на несоодветни и изопачени елементи; да се влее сила на нов живот во човештвото; да се објави знаењето за Бога во светот. EdM 73.2

Христос дошол да го обнови тоа знаење. Тој дошол да го побие лажното учење, со кое оние што тврделе дека го познаваат, погрешно го претставувале Бога. Тој дошол да ја објави природата на својот Закон, да ја прикаже убавината на светоста со својот сопствен карактер. EdM 73.3

Христос дошол на овој свет со љубов која растела од вечноста. Отфлајќи ги додадените барања кои го оптоварувале Божјиот Закон, Тој прикажал дека Законот е закон на љубовта, израз на божествената добрина. Тој покажал дека среќата на човештвото, а со тоа и стабилноста, самиот темел и аголен камен на човечкото општество почиваат врз послушноста на неговите принципи. EdM 74.1

Божјиот закон е далеку од поставување самоволни барања; тој им е даден на луѓето како ограда, како штит. Секој што ќе ги прифати неговите принципи е заштитен од злото. Верноста кон Бога вклучува и верност кон човекот. Така Законот ги чува правата и индивидуалноста на секое човечко суштество. Тој го спречува надмоќниот да угнетува, а потчинетиот да биде непослушен. Го обезбедува доброто на човекот и во овој и во светот што ќе дојде. За послушниот, тој е залог за вечен живот, бидејќи ги изразува принципите кои ќе постојат вечно. EdM 74.2

Христос дошол да ја прикаже вредноста на божествените принципи откривајќи ја нивната моќ да го препородат човештвото. Дошол да покаже како треба овие принципи да се објаснат и применат. EdM 74.3

Луѓето од тоа време ја одредувале вредноста на нештата според надворешниот изглед. Додека силата на религијата се намалувала, нејзиниот надворешен сјај се зголемувал. Воспитувачите на тоа време настојувале да го задобијат почитувањето со расфрлување и фалбаџиство. Исусовиот живот бил целосна спротивност на сето тоа. Неговиот живот ја прикажал безвредноста на она што луѓето го сметале за најважно во животот. Роден во најскромно опкружување, Тој живеел во работнички дом, јадел работничка храна, работел како занаетчија, живеел незабележан, изедначен со непознатите трудбеници од овој свет — но и покрај таквите околности и опкружување — Исус се држел до божествениот план за воспитување. Не се стремел кон училиштата од неговото време кои го истакнувале она што е малечко, а го потценувале големото. Тој своето воспитување го добивал непосредно од изворот одреден од Небото; го добивал со полезна работа, проучување на Писмото и природата, искуства во животот — од Божјите учебници полни со поука за секој што ќе им пријде со подготвени раце, отворени очи и разумно срце. EdM 74.4

„А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост, и благодатта Божја беше врз Него” (Лука 2,40). EdM 75.1

Така подготвен, тргнал во својата мисија, ширејќи, секогаш кога доаѓал во допир со луѓето, благословено влијание, преобразувачка сила каква што светот никогаш порано немал видено. EdM 75.2

Оној што настојува да го преобрази човештвото мора прво да го разбере. Луѓето можат да се придобијат и издигнат само со сочувство, доверба и љубов. Тука Христос ни се открил како голем Учител; од сите кои воопшто живееле на Земјата, само Тој совршено ја разбирал човековата душа. EdM 75.3

„Оти, ние немаме таков Првосвештеник” — голем Учител, бидејќи свештениците биле учители — „што не може да не соучествува во нашите слабости, туку таков, кој беше искушан во сите нешта како и ние” (Евреите 4,15). EdM 75.4

Единствено Христос ги искусил сите болки и искушенија на кои биле изложени човечките суштества. Никогаш никој роден од жена не бил толку жестоко напаѓан со искушенија; никогаш никој, освен Него, не цо носел толку тешкото бреме на гревот и болките на светот. Никогаш не постоел никој, освен Него, чие сочувство било толку широко и толку нежно. Како учесник во искуствата на човештвото, Тој можел не само да љуби секого, туку и да сочувствува со секој кој носи некој товар, кој е искушуван и кој се бори. EdM 75.5

Тој живеел онака како што подучувал. „Затоа ви дадов пример” — им рекол Тој на своите ученици — „да правите и вие така, како што ви направив Јас.” „Јас ги запазив заповедите на мојот Отец” (Јован 13,15; 15,10). На тој начин Христовите зборови имале совршена илустрација и поддршка во Неговиот живот. И повеќе од тоа; Тој бил она што го поучувал. Неговите зборови биле израз не само на Неговото лично животно искуство, туку и на Неговиот карактер. Тој не само што ја проповедал вистината, туку Самиот бил вистина. Тоа му давало сила на Неговото учење. EdM 76.1

Христос укорувал совесно. Никогаш не постоел некој кој го мразел злото како Него; никој толку бестрашно не го демаскирал тоа зло. Веќе и самото Негово присуство било укор за сё што е невистинито и ниско. Во светлината на неговата непорочност луѓето согледувале колку се тие самите порочни, колку се ниски и расипани нивните животни цели. Сепак, Тој ги привлекувал. Оној кој го создал човекот, ја разбирал и вредноста на човекот. Го демаскирал злото како непријател на оние кои настојувал да ги благослови и спаси. Во секое човечко суштество, колку и да е грешно, Тој гледал Божји син, некој што би можел повторно да го ужива предимството на сродството со Божеството. EdM 76.2

„Оти Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него” (Јован 3,17). Гледајќи ги луѓето во страдања и понижување, Христос наоѓал причина за надеж и таму каде што навидум имало само очајување и пропаст. Секаде каде што постоела свест за сопствената беда, Тој гледал можност за духовна поткрепа. Искушуваните, разочарани души, кои се чувствувале загубени, на работ на пропаста, Тој не ги сретнувал со зборови на обвинување, туку на благослов. EdM 76.3

Блаженствата биле негов поздрав до целото човечко семејство. Гледајќи го мноштвото насобрано да ја слушне проповедта на Гората, како за миг да заборавил дека не е на Небото, па се послужил со поздравот вообичаен во светот на светлината. Од неговите усни потекле благослови како млаз од долго запечатен извор. EdM 77.1

Одвратувајќи се од честољубивите, самозадоволни миленици на овој свет, Тој прогласил дека се благословени оние кои ги примаат неговата светлина и љубов, без оглед на големината на нивната беда. Ги подал рацете кон сиромашните со дух, кон тажните, прогонетите, велејќи: „Дојдете кај Мене… и Јас ќе ве успокојам” (Матеј 11,28). EdM 77.2

Тој во секое човечко суштество гледал бескрајни можности. Ги гледал луѓето онакви какви што би можеле да бидат, преобразени со Неговата благодат — во „славата на Господ, на нашиот Бог” (Псалм 90,17). Гледајќи ги со надеж, Тој вдахнувал надеж во нив. Укажувајќи им доверба, ги вдахнувал со доверба. Откривајќи го во себе вистинскиот идеал на човекот, Тој будел копнеж и вера да се досегне тој идеал. Во негово присуство презрените и грешни души чувствувале дека сё уште се луѓе и копнееле да се покажат достојни за неговото внимание. Во многу срца кои изгледале мртви за сё што е свето, се буделе нови стремежи. На многу очајници им се отворала можност за нов живот. EdM 77.3

Христос ги поврзувал луѓето со своето срце со врски на љубов и преданост; со истите врски ги врзувал и со нивните ближни. За Него љубовта била живот, а животот служба. „Бесплатно добивте”, рекол Тој, „бесплатно и давајте” (Матеј 10,8). EdM 77.4

Христос не се жртвувал за човештвото само на крстот. Додека одеше „правејќи добро” (Делата на апостолите 10,38), предавањето на животот било негово секојдневно искуство. Еден ваков живот можел да се одржува на само еден начин. Исус живеел во зависност од Бога и во заедница со него. Луѓето понекогаш се повлекуваат на тајното место на Највозвишениот, под сенката на Семоќниот, остануваат таму некое време и, како плод на тоа, се покажуваат благородни дела; потоа нивната вера слабее, заедницата се прекинува, и на нивното животно дело паѓа дамка. Меѓутоа, Исусусовиот живот бил живот на постојана доверба, поддржуван од постојана заедница; неговата служба, и за Небото и за Земјата, била без пропуст или колебање. EdM 78.1

Како човек, понизно се обраќал до Божјиот престол сё додека она што е човечко во него не било исполнето со небесна струја, која го поврзувала човечкото со божественото. Примајќи живот од Бога, Тој им давал живот на луѓето. EdM 78.2

„Никогаш човек не говорел така како Овој Човек” (Јован 7,46). Ова би можело да се каже за Христа дури и да поучувал само на подрачјето на физичкото и интелектуалното, или да се занимавал само со теорија или шпекулација. Тој можел да открие тајни во кои би можело да се навлезе само по векови напорна работа и истражувања. Можел да даде сугестии на полето на науката кои сё до крајот на времето би им давале храна на мислите и би поттикнувале на откритија. Но, Тој не го направил тоа. Не рекол ништо за да ја задоволи љубопитноста или да го поттикне себичното честољубие. Не се занимавал со апстрактни теории, туку со она што е важно за развитокот на карактерот; со она што ќе ја зголемува способноста на човекот да го запознае Бога и ќе ја зајакне неговата моќ да прави добро. Тој зборувал за оние вистини кои се однесуваат на управувањето со животот и кои го соединуваат човекот со вечноста. EdM 78.3

Наместо да ги упатува луѓето да ги проучуваат човечките теории за Бога, неговата Реч и неговите дела, Тој ги учел да го гледаат онаков каков што се покажува во неговите дела, во неговата Реч и каков што ни го откриваат неговите намери. Тој го доведувал нивниот ум во допир со умот на Бесконечниот. EdM 79.1

Луѓето „...се чудеа на неговата наука, зашто словото му беше со власт” (Лука 4,32). Никогаш порано не зборувал некој кој би имал таква сила да ги поттикне мислите, да го разгори копнежот и да ја придвижи секоја способност на телото, умот и душата. EdM 79.2

Христовото учење, како и неговото сочувство, го проникнале светот. Никогаш во животот не може да настапи околност, криза во човечкото искуство, за која Тој однапред не нё подготвил во своето учење и за која неговите принципи немаат поука. Зборовите на Кнезот на учителите ќе бидат водич на неговите соработници сё до крајот на времето. EdM 79.3

Сегашноста и иднината, она што е блиску и она што е далеку, за него секогаш биле исто. Тој ги имал предвид потребите на целото човештво. На неговиот духовен поглед не му избегнувал ниту еден човечки напор и постигање, ниту едно искушение и судир, ниту една потешкотија и опасност. Нему му биле познати сите срца, сите домови, сите задоволства, радости и стремежи. EdM 79.4

Тој не зборувал само како претставник на целото човештво, туку и му се обраќал на целото човештво. Неговата вест им била упатена на сите — на малото дете, во радоста на утрото на животот; на желното, немирно срце на младите, на луѓето во полна сила кои носат товар на одговорност и грижа; на остарените во нивната слабост и изнемоштеност — на секој припадник на човештвото, во секоја земја и во секое време. EdM 79.5

Со своето учење Тој го опфатил она што е минливо и она што е вечно, она што се гледа во однос на она што не се гледа, обичните настани од секојдневниот живот и важните прашања што се однесуваат на идниот живот. EdM 80.1

Тој ги поставил проблемите на овој живот на нивното вистинско место, подредувајќи им ги на оние од вечен интерес, но не ја занемарил нивната важност; учел дека Небото и Земјата се поврзани, и дека познавањето на божествената вистина го подготвува човекот за подобро исполнување на неговите должности во секојдневниот живот. EdM 80.2

За него ништо не било без полза. Игрите на детето, тешката работа на човекот, животните задоволства, грижите и болките, сето тоа биле средства за постигнување на една единствена цел — да се открие Бог за да се издигне човештвото. EdM 80.3

Божјата Реч од неговите усни навлегувала во човечките срца со нова сила и ново значење. Неговото учење ги прикажало делата на создавањето во нова светлина. Врз лицето на природата повторно паднале зраците на оној сјај што бил изгонет од гревот. Во сите факти и животни искуства биле откривани божествени поуки и можност за дружење со Бога. Бог повторно престојувал на Земјата; срцата на луѓето станале свесни за неговото присуство; светот бил опкружен со неговата љубов. Небото се спуштило кон луѓето. Нивните срца го признале во Христа Оној кој им ја открил науката за вечноста — „Емануел, Бог со нас” (Матеј 1,23). EdM 80.4

__________

Секое вистинско воспитно дело има свое средиште во Учителот испратен од Бога. За ова дело во наше време како и за делото што Тој го основал пред 18 векови, Спасителот зборува со следните зборови — EdM 81.1

„Јас сум Првиот и Последниот и Живиот” EdM 81.2

„Јас сум Алфа и Омега, Почетокот и Свршетокот” (Откровение 1,17.18; 21,6). EdM 81.3

Во присуство на таков Учител, на таква можност да се здобиеме со божествено воспитување, зар не е повеќе од бесмислено да се бара воспитување надвор од него — да се стремиме кон мудрост надвор од Мудроста; кон вистина отфрлувајќи ја Вистината; кон просветлување надвор од Светлината; кон живеење без Животот; да се одвратиме од Изворот на жива вода и да си копаме издупчени бунари кои не можат да држат вода. EdM 81.4

Ете, Тој и сега нё повикува: „Кој е жеден нека дојде при мене да пие! Кој верува во мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода” „таа во него ќе стане извор на вода што тече во живот вечен” (Јован 7,37,38; 4,14). EdM 81.5