Воспитување

15/65

Павле, радосен во службата

На верата и искуството на галилејските ученици кои го следеле Исус во евангелската работа им се придружиле огнената решителност и интелектуалната сила на еден рабин од Ерусалим. Римски граѓанин, роден во незнабожечки град; Евреин не само по потекло туку и според животното воспитување, патриотска ревност и преданост на религијата; воспитан во Ерусалим крај нозете на најугледните рабини и поучен на сите закони и преданија на татковците, Савле од Тарс во најголема мерка ја делел гордоста и предрасудите на својот народ. Уште како момче, станал угледен член на Синедрионот; го сметале за човек што ветува, ревен бранител на исконската вера. EdM 61.2

Во теолошките училишта во Јудеја, Божјата Реч била потисната со човечки шпекулации; толкувањата и преданијата на рабините ў ја одзеле силата. Самовозвишувањето, властољубивоста, љубоморната исклучивост, лицемерието и презривата горделивост биле владеечки принципи и побуди на овие учители. EdM 61.3

Рабините се расфрлале со својата супериорност не само над припадниците на другите народи туку и над своите сопствени сонародници. Обземени од дива омраза кон своите римски поробувачи, тие цврсто одлучиле да ја вратат својата национална големина со силата на оружјето. Ги мразеле и убивале Исусовите ученици чија вест на мирот толку очигледно се спротивставувала на нивните честољубиви планови. Савле бил еден од најогорчените и најбезмилосни учесници во тоа гонење. EdM 62.1

Во воените училишта во Египет, Мојсеј го научил законот на силата, и влијанието на тоа учење врз неговиот карактер било толку силно што му биле потребни четириесет години смиреност и врска со Бога и природата за да се оспособи да го води Израелот со законот на љубовта. И Павле требал да ја научи истата лекција. EdM 62.2

Појавата на Распнатиот пред вратите на Дамаск, го сменила целиот тек на неговиот живот. Прогонувачот станал следбеник, а учителот ученик. Деновите на темнина, поминати во самотија во Дамаск, во неговото искуство изгледале како години. Предмет на неговото проучување биле старозаветните списи врежани во неговата меморија, а учител му бил Христос. И нему осаменоста на природата му станала училиште. Отишол во Арапската пустина за да ги проучува Писмата и да учи од Бога. Ја ослободил својата душа од предрасудите и преданијата што го обликувале неговиот живот, и примал поуки од Изворот на вистината. EdM 62.3

Неговиот подоцнежен живот бил вдахновен единствено со принципот на пожртвуваноста, со службата на љубовта. „Јас сум им должник”, рекол тој, „и на Грците и на варварите, и на мудрите и на неразумните.” „Зашто, Христовата љубов нё опфаќа” (Римјаните 1,14; 2. Коринќаните 5,14). EdM 62.4

Павле, најголемиот учител меѓу луѓето, ги прифатил најниските како и највисоките должности. Ја познавал неопходноста од физичка, како и од умствената работа, а самиот работел како занаетчија за да се издржува. Тој продолжил да прави шатори и покрај секојдневното проповедање на Евангелието во големите центри на цивилизацијата. „Самите знаете”, им кажал на разделба на старешините на црквата во Ефес, „дека овие раце им послужија на моите потреби и на оние, кои беа со мене” (Дела на апостолите 20,34). EdM 63.1

Иако имал високи интелектуални способности, Павле со својот живот откривал сила на една уште поретка мудрост. Во неговите учења се објавени, а во неговиот живот применети принципи со највисока важност, принципи кои им биле непознати на најголемите умови на тоа време. Тој ја имал најголемата од сите мудрости, мудроста која ў дава длабочина на проникливоста и го исполнува срцето со сочувство, која поврзува човек со човек, разбудува подобра природа во него и го инспирира за повисок живот. EdM 63.2

Слушајте ги неговите зборови изговорени пред незнабошците од Листра, додека ги упатува кон Бога откриен во природата, кон изворот на сё што е добро, кој ни дава „од небото дождови и плодоносни времиња и ги полни нашите срца со храна и веселба” (Дела на апостолите 14,17). EdM 63.3

Гледајте го во ќелијата во Филипи каде, и покрај измаченоста на телото, неговата благодарствена песна ја прекинува полноќната тишина. По земјотресот кој ја отворил вратата на затворот, повторно се слуша неговиот глас кој му искажува зборови на охрабрување на незнабожечкиот стражар: „Не прави си себе никакво зло, зашто сите сме тука” (Дела на апостолите 16,28) — секој човек е на своето место, задржан од присуството на еден затвореник. Уверен во реалноста на верата која го одржувала Павле, стражарот прашува за патот до спасението и со целиот свој дом се соединува со друштвото на прогонетите Христови ученици. EdM 63.4

Гледајте го Павле во Атина пред соборот на Ареопаг, како на науката одговара со наука, на логиката со логика и на филозофијата со филозофија. Забележете како, со тактичност родена од божествената љубов, укажува на Господа како на „непознатиот Бог,” Кого неговите слушатели во незнаење го обожуваат; и како, наведувајќи зборови на еден од нивните поети, Го опишува како Татко чии деца се тие. Слушајте го како, во тоа време на строга поделеност на општествени слоеви, кога човечките права биле сосема непризнати, ја изнесува големата вистина за братството на сите луѓе, изјавувајќи дека Бог „направи целиот човечки род да потекнува од еден човек и да се насели по лицето на целата на Земја”. Потоа како покажува дека преку сите Божји постапки кон човекот се провлекува, како златна нишка, неговата добронамерност и милост. Тој „им определи одредени времиња и граници на нивните живеалшта, за да го бараат Бога; не би ли го напипале и нашле некако, зашто Тој не е далеку од ниеден од нас” (Дела на апостолите 17, 23. 26-27). EdM 64.1

Слушајте го на Фистовиот двор, кога царот Агрипа, уверен во вистинитоста на Евангелието, воскликнал: „Уште малку па ќе ме убедиш да станам христијанин!” Со каква нежна човечност Павле му одговара покажувајќи на своите синџири: „Би го молел Бога и за малку и за многу не само ти, но и сите, што ме слушате денес, да станете такви, каков што сум и јас — но без овие окови” (Дела на апостолите 26,28.29). EdM 64.2

Така му поминал животот, опишан со неговите сопствени зборови: „Често патував; бев во опасности од реки, во опасност од сонародници, во опасности од разбојници, во опасности од народи; во опасности од град, во опасности од пустина, во опасности по море, во опасност од лажни браќа, во труд и тешкотија, многупати во неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и во голотија” (2. Коринќаните 11,26.27). EdM 64.3

„Кога нё навредуваат”, рекол тој, „ние благословуваме; кога нё гонат ние поднесуваме; кога нё клеветат ние се обраќаме благо”, „како жалосни, но секогаш радосни; како бедни, да збогатуваме други, како оние кои немаат ништо, а имаат сё” (1. Коринќаните 4,12.13; 2. Коринќаните 6,10). EdM 65.1

Тој својата радост ја наоѓал во служењето, а кон крајот на својот тежок живот, осврнувајќи се на сите негови борби и победи, можел да каже: „Извојував добра борба” (2. Тимотеј 4,7). EdM 65.2

__________

Овие сведоштва имаат животно значење. Но нивното значење за никого не е толку длабоко како за младите. Мојсеј се откажал од царството што го очекувало, Павле од предимството да биде богат и почитуван во својот народ, за живот полн со носење товар во службата за Господа. На мнозина животот на овие луѓе им изгледа како живот на откажување и жртва. Дали е навистина така? Мојсеј го сметал Христовиот срам за поголемо богатство од сето египетско благо. Тој мислел дека е така, затоа што навистина така и било. Павле изјавува: „Но тоа што ми беше некогаш придобивка, тоа го сметав за загуба поради Христа. Во суштина, и јас и сега сметам сё за загуба заради преважното познавање на Христа Исуса, Мојот Господ, заради Кого изгубив сё и сё сметам за отпад, за да Го придобијам Христа” (Филипјаните 3,7.8). Тој бил задоволен со својот избор. EdM 65.3

На Мојсеј му биле понудени палатата на фараонот и царскиот престол; но во тие господски дворови имало грешни задоволства кои ги наведувале луѓето да заборават на Бога и тој наместо нив ги одбрал „постојаното добро и справедливоста” (Мудри изреки 8,18). Наместо да се поврзе со големината на Египет, тој избрал да го поврзе својот живот со Божјата намера. Наместо да му дава закони на Египет, тој, по божествено упатство, му пропишал закони на светот. Станал орудие преку кое Бог на луѓето им дал принципи кои се заштита на домот и општеството, кои се аголен камен на напредокот на народите — принципи кои денес најголемите луѓе на светот ги признаваат како темел на сё што е најдобро во владите кои ги поставуваат луѓето. EdM 66.1

Големината на Египет лежи во прав. Неговата моќ и цивилизација поминале. Но делото на Мојсеј никогаш не може да пропадне. Големите принципи на праведноста, на чии воспоставувања тој им го посветил животот, се вечни. EdM 66.2

Животот на Мојсеј, исполнет со работа и грижи кои го притискале неговото срце, бил осветлен од присуството на Оној кој е „избран меѓу десет илјади други” и „Сиот е од љубезност” (Песна над песните 5,10.16). Со Христа на патувањето низ пустината, со Христа на гората на преобразувањето, со Христа во небесните дворови — на Земјата бил благословен и на благослов, а на Небото почитуван. EdM 66.3

И Павле во неговите разновидни задачи го поддржувала окрепувачката сила на Христовото присуство. „Сё можам”, рекол тој, „преку Христа, кој ми дава сила.” „Кој ќе нё одвои од Христовата љубов? Неволјата ли, или притеснувањето, или гонењето, или гладот, или голотијата, или гибелта или мечот?... Но во сё ова победуваме надмоќно преку Оној, кој нё возљуби. Зашто сум уверен дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту некое друго создание, ќе може да нё оддели од Божјата љубов, која е во Христа Исуса, нашиот Господ” (Филипјаните 4,13; Римјаните 8,35-39). EdM 66.4

Постои, меѓутоа, идна радост која Павле ја очекувал како награда за својот труд — истата онаа радост поради која Христос го претрпел крстот и не се осврнувал на срамот — радоста да ги види плодовите од својата работа. „Зашто, што е наша надеж, или радост, или венец, или пофалба?” — им пишувал тој на обратениците во Солун. „Та не сте ли вие пред нашиот Господ Исус Христос при Неговото доаѓање? Да, вие сте наша слава и наша радост” (1.Солуњаните 2,19.20). EdM 67.1

Кој може да процени какво влијание имало животното дело на Павле врз светот? Колку од сите тие благотворни влијанија кои го ублажуваат страдањето, ги тешат жалосните, го задржуваат злото, го издигнуваат животот над сё што е себично и телесно и го осветлуваат со надеж во бесмртност, колку од сето тоа треба да му се припише на делото на Павле и неговите соработници додека носејќи го Евангелието за Божјиот Син незабележани патувале од Азија кон бреговите на Европа? EdM 67.2

Колкава вредност би имал животот на секој од нас кога би станал орудие во Божји раце за ширење на такви благословени влијанија? Колку ќе биде прекрасно во вечноста да ги набљудуваме плодовите на едно такво животно дело? EdM 67.3