Воспитување

49/65

РЕКРЕАЦИЈА

„Сё има свое време.”
Проповедник 3,1

Постои разлика меѓу рекреација и забава. Рекреацијата, кога е навистина она што нејзиното име значи, ре-креација1, тогаш таа јакне и изградува. Одделувајќи нё од нашите вообичаени грижи и занимања, таа овозможува освежување за умот и телото и така нё оспособува со нова сила да ў се вратиме на сериозната животна работа. Забавата, од друга страна, се бара заради уживање и во неа често се претерува; таа ја троши силата наменета за полезна работа и така станува пречка за вистинскиот успех во животот. EdM 216.1

Целото тело е создадено да дејствува; и, ако физичките сили со активно вежбање не се одржуваат во здрава состојба, ни умствените сили нема да можат долго време да се користат со полн капацитет. Физичката неактивност, која е навидум речиси неизбежна во училницата, проследена со други нездрави околности — ја претвора училницата во непријатно место за децата, особено за оние со послаба конституција. Проветрувањето често пати се покажува како недоволно. Несоодветните столчиња наведуваат на неприродно држење, попречувајќи ја на тој начин работата на белите дробови и срцето. Тука малите деца мораат да престојуваат од три до пет часа секој ден, вдишувајќи воздух полн со нечистотија и можеби загаден со бактерии на болест. Не е ни чудо што во училниците толку често се поставуваат темели на болестите што траат цел живот. Мозокот, најнежниот од сите органи на телото, органот од кој целото тело ја црпи нервната сила, трпи најголеми штети. Принуден на преуранета или претерана активност, и тоа под нездрави околности, тој слабее, а лошите последици често трајно се чувствуваат. EdM 216.2

Децата не треба долго да се држат затворени во домот, ниту од нив да се бара напорно да учат, сё додека не биде поставен добар темел за нивниот физички развој. Во текот на првите осум или десет години од животот, најдобрата училница за детето се полето или градината, мајката најдобар учител, а природата најдобар учебник. Дури и кога детето ќе порасне доволно за да посетува училиште, неговото здравје мора да се смета за многу поважно од интелектуалното знаење. Треба да му се обезбедат најповолни услови и за физички и за ментален раст. EdM 217.1

Но не се само децата во опасност поради недостиг на воздух и вежбање. Во повисоките, како и во пониските училишта овие важни здравствени услови дури и денес премногу често се запоставуваат. Многу ученици од ден во ден седат во тесна соба наведнати над своите книги со толку стегнат граден кош што не можат целосно и длабоко да вдишуваат, нивниот крвоток е забавен, нозете студени, а главата жешка. Бидејќи телото недоволно се исхранува, мускулите слабеат, а целиот организам е исцрпен и болен. Често, таквите ученици стануваат доживотни инвалиди. Тие можеле да излезат од училиштето физички и ментално зајакнати, ако во текот на школувањето им биле обезбедени соодветни услови, со редовно вежбање на сонце и свеж воздух. EdM 217.2

Ученикот кој се бори да се здобие со образование соочувајќи се со ограничено време и средства, мора да разбере дека времето потрошено за физичко вежбање не е загубено време. Оној кој е постојано задлабочен во книгите наскоро ќе согледа дека неговиот ум ја загубил свежината. Оние кои му подаруваат соодветно внимание на физичкиот развој подобро ќе напредуваат во стекнувањето знаење од книгите, отколку да го поминале сето свое време во учење. EdM 218.1

Умот често ја губи рамнотежата кога се занимава со исклучиво една област на размислување. Но, секоја способност може без опасност да се изложи на напор ако менталните и физичките сили се подеднакво оптоварени и ако предметите на проучување се менуваат. EdM 218.2

Физичката неактивност ја слабее не само умствената туку и моралната сила. Нервите на мозокот, кои се поврзани со целиот организам, претставуваат средство преку кое Небото сообраќа со човекот и влијае на неговиот внатрешен живот. Сё што го попречува текот на електричната енергија во нервниот систем, ослабнувајќи ги на тој начин животните сили и намалувајќи ги умствените способности, ја намалува и чувствителноста од морална природа. EdM 218.3

Прекумерното учење, исто така, зголемувајќи го приливот на крв во мозокот, создава болна раздразливост која ја намалува силата на самосовладување и многу често им дозволува на ненадејните заноси и пориви да излезат на површина. Така се отвораат вратите на порокот. Злоупотребата или неупотребата на физичките сили е во најголема мерка одговорна за плимата на расипаноста која се шири низ светот. „Гордоста, изобилството леб и безгрижниот мир” се исто толку смртни непријатели на човечкиот напредок во оваа генерација, како и тогаш кога го предизвикале уништувањето на Содом. EdM 218.4

Наставниците би морале да ги разберат овие факти и да им зборуваат за нив на своите ученици. Поучете ги учениците дека правилниот начин на живот зависи од правилниот начин на мислење, и дека физичката активност е важна за непорочноста на мислите. EdM 219.1

Прашањето на соодветна рекреација на учениците, често ги доведува учителите во неприлика. Гимнастичките вежби заземаат корисно место во многу училишта; но, без грижлив надзор, во тоа често пати се претерува. Многу момчиња, обидувајќи се да ја прикажат својата сила, токму во гимнастичката сала се здобиле со повреди поради кои ќе страдаат во текот на целиот живот. EdM 219.2

Вежбањето во гимнастичка сала, колку и да е добро и организирано, не може да ја надомести рекреацијата на свеж воздух, а за таквата рекреација нашите училишта би морале да создадат подобри услови. На учениците им е неопходно енергично вежбање. Има малку зла од кои треба да се плашиме повеќе отколку од тромоста и бесцелноста. Но, тенденцијата на поголемиот дел атлетски спортови ги загрижува оние врз чии срца тежи доброто на младите. Учителите се загрижени кога го набљудуваат влијанието на спортовите врз напредокот на ученикот во училиштето, како и на неговиот успех во подоцнежниот живот. Игрите на кои ученикот им посветува толкав дел од своето време, го одвратуваат неговото внимание од учењето, и не му помагаат да се подготви за практична, сериозна работа во својот живот. Нивното влијание не развива префинетост, великодушност, или вистинска мажевност. EdM 219.3

Некои од најомилените забави, како што се американскиот фудбал и боксот, станаа училишта на суровост. Тие игри ги развиваат истите особини како и игрите во стариот Рим. Желбата за истакнување, уживањето во грубата игра, безгрижниот презир кон животот, многу разорно делуваат врз младите. EdM 220.1

Другите атлетски игри, иако не наведуваат на толкава суровост, заслужуваат не помал приговор поради претераноста до која се доведени. Тие поттикнуваат љубов кон уживања и возбудувања, развивајќи на тој начин одбивност кон полезната работа и тенденција кон одбегнување на практичните должности и одговорности. Тие се стремат да ја уништат склоноста кон трезвен однос спрема реалноста на животот и неговите спокојни задоволства. Така се отвора вратата за лекоумноста и разузденоста со сите нивни страшни последици. EdM 220.2

Забавните седенки, онака како што обично се приредуваат, исто така се пречка за вистинскиот раст, како на умот така и на карактерот. На тој начин се формираат лекоумни друштва, се создаваат навики на екстраваганција, трка по уживања и многу често расипништвот, што целиот живот го фрла во провалијата на злото. Родителите и учителите можат многу да сторат таквите забави да бидат заменети со здрава и животодавна разонода. EdM 220.3

Во тоа, како и во сё друго што се однесува на нашето добро, Вдахновението го покажало вистинскиот пат. Во старите времиња, животот бил едноставен за луѓето кои биле под Божјо водство. Тие живееле тесно поврзани со природата. Нивните деца учествувале во работата на родителите и ги проучувале убавините на тајните на сокровиштата на природата. Во тишината на полето и шумите, тие размислувале за оние величествени вистини кои, како свет залог, се пренесувале од генерација во генерација. Таквото воспитување создавало силни луѓе. EdM 220.4

Во наше време, животот стана извештачен, а луѓето дегенерираа. Иако можеби не можеме во целост да им се вратиме на едноставните навики од тие стари времиња, сепак можеме од нив да извлечеме поуки кои нашите мигови на рекреација од неа ќе го направат она што нејзиното име значи — мигови на вистинско изградување на телото, умот и душата. EdM 221.1

Околината на домот и училиштето е во тесна врска со рекреацијата. При изборот на дом или место за училиште треба да се размисли за ова. Оние на кои менталното и физичкото добро им се поважни од парите или барањата и обичаите на општеството би требале на своите деца да им го овозможат благословот на учење од природата и рекреација во природа. За воспитната работа би било многу полезно кога секое училиште би било сместено така што на учениците ќе им овозможи да обработуваат земја и да имаат пристап до полиња и шуми. EdM 221.2

Најдобри успеси во рекреацијата на учениците можат да се постигнат кога во неа учествува и самиот наставник. Вистинскиот наставник може на своите ученици да им даде малку дарови кои би имале поголема вредност од неговото друштво. Мажите и жените, а најмногу младината и децата можеме вистински да ги разбереме дури откако ќе им се приближиме со симпатија; а ние мораме да ги разбереме за да можеме најуспешно да им помогнеме. Нема подобар начин за зацврстување на пријателските врски помеѓу наставникот и ученикот, од нивното весело меѓусебно дружење и надвор од училницата. Во некои училишта наставникот е секогаш со своите ученици за време на рекреацијата. Тој се соединува со нив во нивните стремежи, ги следи на излетите и навидум потполно се изедначува со нив. За нашите училишта би било добро кога овој обичај би се прифатил насекаде. Тоа би барало големи жртви од наставниците, но би пожнеало и богата награда. EdM 221.3

Рекреацијата која е полезна само за нив, никогаш нема на децата и младината да им донесе толкав благослов како рекреацијата која им помага да бидат полезни и за другите. По природа склони кон воодушевувања и подложни на влијанија, младите бргу прифаќаат предлози. Кога станува збор за одгледување растенија, наставникот треба да се потруди кај нив да разбуди желба да го разубават училишниот двор и училницата. Тоа ќе донесе двоен благослов. Она што учениците се трудат да го разубават нема да сакаат да го расипуваат и уништуваат. Тие ќе развиваат облагороден вкус, љубов кон редот и навика на чување; а духот на пријателство и соработка, кој на таков начин се развива, ќе им биде на благослов во текот на целиот живот. EdM 222.1

Нов интерес за работа во градина или за излети во полиња и шуми може да се разбуди и тогаш кога учениците се поттикнуваат да се сетат на оние кои се одвоени од тие пријатни места и со нив да ги споделат прекрасните дарови на природата. EdM 222.2

Внимателниот наставник ќе најде многу пригоди да ги упати своите ученици на полезни дела. Особено младите деца имаат речиси неограничена доверба и почитување кон својот учител. Што и да предложи тој за помагањето во домот, за верноста кон секојдневните должности, за служење на болните и сиромашните, ретко кога нема да вроди со плод. И така пак ќе се постигне двојна добивка. Таквиот љубезен предлог ќе има повратно дејство врз оној кој го дал. Благодарноста и соработката на родителот ќе го олеснат товарот на наставникот и ќе го осветлат неговиот пат. EdM 222.3

Вниманието посветено на рекреацијата и физичката култура понекогаш, без сомнение, ќе го прекине редовниот тек на училишната работа; но тој прекин нема да се покаже како вистинска пречка. Преку освежување на умот и телото, јакнење на несебичен дух, и поврзување на ученикот и наставникот со врски на заеднички интереси и пријателско дружење, потрошеното време и напор ќе бидат стократно надоместени. Така ќе се создаде благословен вентил за онаа немирна енергија која мошне често е извор на опасности за младите. Како заштита против злото, окупирањето на умот со она што е добро, е многу поскапоцено од неброените законски и дисциплински забрани. EdM 223.1